МНР на Австрија: Грција да престане да го блокира европскиот курс на Македонија

Прашањето за името не треба да биде предмет што ја попречува можноста за Македонија, порачал министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц во Брисел, по средбата со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Грчките медиуми јавуваат дека Курц изразил надеж дека „за време на грчкото претседавање со Унијата ќе биде ставен крај на грчката блокада за пристапувањето на Македонија кон Европската Унија, предизвикана од спорот околу името на земјата”. Курц изјавил дека тој и Филе брзо се согласиле дека името не треба да го попречува европскиот курс на Македонија.

„Се надевам дека ова ќе се случи за време на грчкото претседавање, затоа што мислам дека Грција дефинитивно е заинтересирана за постигнување на успех за време на своето претседавање”, изјавил Курц додавајќи дека „јавна тајна е тоа дека имиџот на Грција во Европската Унија можеби не е секогаш најдобар”.

„Како што информираше најмладиот министер во ЕУ, Филе побарал поддршка од него бидејќи ја сметал Австрија за силен партнер во прашањето за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан”, јавуваат грчките медиуми. Потсетуваат дека во октомври, минатата година, претходникот на Курц предупредил дека одложувањето на неодредено време на отворањето на пристапните преговори со Македонија претставувало ризик од парализа на курсот на реформите што може да има последици за целиот регион.

„Тогашниот шеф на австриската дипломатија изјави дека Австрија ќе продолжи да работи за што е можно поскоро отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, како што веќе по петти пат е предложено во извештајот на Европската комисија, додавајќи дека треба да се наградат постигнувањата на Македонија во реформите побарани од ЕУ, a во замена да сe исполнат  ветувањата”, пишуваат грчките медиуми.