МНР со отворени врати за младите

По повод 9 мај – Денот на Европа во Амфитеатарот на МНР се одржа собир со наслов „ЕУ и Млади”. Во рамките на собирот свое обраќање имаше министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и претставници од академската заедница, а настанот го следеа студенти од државните и приватните универзитети во РМ и млади дипломати вработени во МНР.

Министeрот Попоски во своето воведно излагање стави акцент на важноста од обезбедување на просперитена иднина за младите луѓе преку креирањето на поголеми можности за нивно вработување, поттикнување на иновативноста и претприемништвото.

Клучни аспекти за иднината се видот и степенот на образование кое што младите сега ќе го добијат, имајки предвид дека тоа ќе им го обезбеди местото во идниот заеднички пазар на труд. Заложбата за интегрирање во ЕУ останува да биде основна движечка сила за напредок и просперитет на Република Македонија. Министерот Попоски во своето излагање посебно се осврна и ги нагласи јасните перспективи кои им се отвораат на младите луѓе со членството на РМ во ЕУ.

Денот на Европа беше и ден на отворени врати, што им овозможи на студентите да ја разгледаат зградата и да се запознаат со работата на македонските дипломати.