Македонија

МНТ: Културата да не се става во дневно политички цели

МНТ: Културата да не се става во дневно политички цели

Македонскиот народен театар денеска преку соопштение ги отфрли сите обвинувања од страна на, како што се посочува, таканаречениот Синдикатот на културата во РМ (СКРМ), оценувајќи ги како неаргументирани и во насока на девалвирање на сето она што досега се реализирало во делот на културата.

Делата и проектите покажуваат и се потврда за се она за кое што Министерството за култура дава огромен придонес за културата во Република Македонија воопшто. Апелираме културата да не се става во дневно политички цели, заради личните интереси на поединци, стои во соопштението на МНТ во врска со денешниот протест на Синдикатот на културата во РМ (СКРМ).

Воедно, Македонски народен театар ја информира јавноста за своите активности, за посетеноста на театарските претстави, за технологијата со која располага новиот објект, за што, се наведува, има целосна поддршка од Министерсвото за Култура на РМ, со цел на јавноста да и овозможи реално да ја согледа состојбата за оваа институција.

Реалните факти и аргументи не соодветствуваат со ставовите изнесени од страна на т.н синдикат СКРМ. Благодарение на поддршката на Министерството за култура, Македонскиот народен театар доби врвен репрезентативен објект со што се оствари сонот на целиот ансамбл на МНТ и на нашата публика, се посочува во соопштението.

Македонски народен театар, се додава, технолошки е еден од најсовремените театри во Европа и ја поседува најмодерната и најсофистицирана техничка опрема во рамките на сценската технологија, движечки платформи, модуларен тип со двојно дно, како и комплетната аудиовизуелна технологија.

Македонски народен театар во 2006 година броел 82 вработени, а денес има вкупно 142 редовно вработен уметнички и административно-технички кадар. Од отворањето на новиот објект (2013 год.) на Македонскиот народен театар до сега поминале преку 250,000 посетители. За МНТ цели кон ширење на театарската уметност во јавноста и приближување до младината за активно размислување на темата култура и театар, за оваа мисија доволно зборува и бројката од над 134.000 посетители во 2015 година.

МНТ, се нагласува, ја продолжува својата традиција со создавање и изведување класични и авангардни драмски текстови со познати режисери и од познати автори.

Македонскиот народен театар денес работи со веќе постоечкиот уметнички ансамбл и ја продолжува традиција со креирањето на секој нов процес – проект, како и ширење на меѓународна и културна соработка. Според сите релевантни фактори МНТ може со гордост да каже дека е еден од водечките театарски центри во Југоисточна Европа, се наведува во соопштението.

Потенцираат дека во рамките на театарот отворен е и Театарскиот музеј каде се чуваат и презентираат оригинални и автентични предмети и фотографии, особено од повоениот период на постоењето на театарот, кои се исклучиво во сопственост на музејот. Македонски народен театар го реализира и проектот виртуелен (дигитален) модел од 360 степени на експонирање од една музејска поставка со што е овозможено интерактивна посета на публиката од секоја точка на светот, што не прави еден од водечките театарски музеи во технолошка смисла, стои во соопштението од МНТ.