МНТ одбележува седумдецениски јубилеј

Македонскиот народен театар два и пол месеца ќе го одбележува 70-годишниот роденден, а на самиот ден (3 април) напладне ќе организира свеченост со перформанс, изложба на експонати и со изведба на „Вечната куќа“ во вечерниот термин.

– Размислувавме како да го направиме тоа, дали треба да правиме патетична слика за тоа што е Македонскиот народен театар и сфативме дека, всушност, овде создаваме големи работи и треба да го посветиме тоа на нашата публика, на медиумите, на пријателите на МНТ, особено на сите вработени во МНТ и на сите оние што на некој начин учествувале во каков било сегмент и било колку во создавањето на историјата на Македонскиот народен театар. Свеченоста во петок ќе биде наша благодарност на сите кои се од МНТ кон онаа друга страна на рампата или на бариерата, истакна директорот на МНТ Дејан Лилиќ на прес-конференција.

По роденденот в петок, МНТ ќе им ја отстапи својата сцена на ансамбли од другите професионални театри од земјава што, како што рече Лилиќ, ќе биде фестивал на македонските театри. Во првиот дел од гостувањата (од 4 април до велигденските празници) во МНТ ќе настапат Битолскиот театар со „Каренина – мејд ин Маседониа“ (4 април), театарот „Комедија“ со „Лисистрата“ (5 април), Народниот театар Штип со претставата „Лулка“ (6 април), Велешкиот театар со „Приказни од 6 кат“ (7 април), „Сон на летната ноќ“ на Турскиот театар и „Предавање“ на Албанскиот театар (8 април), „Сон на летната ноќ“ на Прилепскиот театар и „Детектор за лаги“ на Народниот театар Охрид (9 април) и „Живот во тесни чевли“ на Драмскиот театар-Скопје (17 април). Цената на билетите е 100 денари.

Пред гостувањето на битолската претстава в сабота, ќе има јавно читање на драмскиот текст „Утерус“ на Дејан Дуковски во режија на Нина Николиќ, а на 16 април на малата сцена премиерно ќе биде изведена претставата „Тероризам“ во режија на Јордан Симонов. За празникот Велигден (12 април), на сцената на МНТ ќе настапи „Танец“ со велигденски концерт.

По враќањето од театарскиот фестивал во Будимпешта, каде што ќе учествува со „Вечната куќа“, МНТ ќе продолжи со прослава на јубилејот и ќе ги отвори вратите и за останатите национални театри, но и за независни продукции и академии. Потоа ќе има уште две премиери, а од 27 мај до 20 јуни ќе го организира вториот меѓународен фестивал „МНТ фест“, на кој годинава ќе има поголем број театри од Европа отколку од регионот.

Изложбата која задутре ќе биде отворена во МНТ е конципирана од театрологот Јелена Лужина. Уметничкиот директор на МНТ Дејан Пројковски соопшти дека ќе бидат презентирани оригинални уметнички дела, сценографски и костимографски скици, фотографии, артефакти, програмки, парчиња сценски мебел и оригинални костими, лични предмети на истакнати македонски актери, танчари, пејачи…

– Во изминатите две години, откога започнавме, музејот на МНТ има собрано, евидентирано и дигитализирано над 15.000 предмети и документи. Така што, ќе имаме огромна изложба која ќе биде на трите ката во МНТ, а ќе покаже само еден мал дел, рече Пројковски.

Одбележувањето на јубилејот ќе има и хуман карактер – актери на МНТ утре и задутре ќе посетат установи за деца без родители (Домот „11 Октомври“ и СОС Детско село), лица со посебни потреби и старечки домови.  За децата ќе го изведат перформансот „Принцезата Сиси“, а француска и полска поезија за слепите и за старите лица.

МНТ го одбележува роденденот на 3 април, датум на кој во 1945 година драмскиот ансамбл ја одиграл првата претстава – „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.