Македонија

МНТ со театарски маратон ќе одбележи една година од првата премиера

МНТ со театарски маратон ќе одбележи една година од првата премиера

Македонскиот народен театар денеска со целодневен театарски маратон ќе одбележи една година од работата во новиот објект и првата премиера на новата сцена.

За една година во новата театарска зграда биле изведени повеќе од 150 претстави и ги посетиле 83.000 гледачи. Во првата година од работењето МНТ имаше пет премиери и беше домаќин на првиот Меѓународен театарски фестивал.

mnt_2

Маратонот ќе почне во 11 часот со претставата „Госпоѓа министерка“, по која ќе следуваат: „Сомнително лице“ во 14 часот, „Свадбата на Фигаро“ во 16 часот и „Изгубени Германци“ во 18 часот.

Од 18.30 ќе има поетска вечер посветена на Блаже Конески, првиот драматург во МНТ, а во 20.15 часот на Чај за двајца ќе гостува Јордан Плевнеш и ќе биде промовирано печатеното издание на неговата драма „Вечната куќа“  со која лани на 7 декември ансамблот на МНТ почна да работи во новиот објект.

mntttt

Централен настан ќе биде концертот „МНТ и пријателите“ од 21.30 часот, на кој ќе учествуваат актерите од ансамблот на МНТ и актери од другите театри. Влезниците за секоја претстава и за концертот се по 50 денари.

МНТ ќе има и богата современа музејска поставка која во иднина ќе се дигитализира, а во подготовка е и специјална монографија која ќе излезе идната година кога театарот ќе одбележи 70 години постоење.