МО: Набавката на оклопни возила започна во 2014, сумата е за период од 12 години

Користејќи ја трагичната несреќа која зафати дел од скопскиот регион, претставници на една политичка партија на секаков можен начин се обидуваат да вршат деструкција на сите државни институции. Но, она што го гледа македонската јавност е сосема спротивно од тоа што тие во  континуитет го изјавуваат, се вели во реакцијата на Министерството за одбрана.

Во продолжение ја пренесуваме реакцијата интегрално:

Неосновано се пласираат информации во јавност за набавка на опрема која е во насока на модернизација на Армијата. Модернизацијата на армијата за секоја држава е стратегиско прашање, кое не треба да се гледа краткорочен аспект.

Почитувани, во однос на набавката на оклопни возила информираме дека процесот за набавка на истите беше започнат уште во октомври 2014 година. Тоа подразбира изработка на техничка документација на опрема која е согласно потребите на Армијата и во согласност со НАТО стандардите.  Техничките критериуми  кои ги побарува Армијата мора да бидат исполнети од страна на понудувачот, а тоа подразбира и безбедност на припадниците на АРМ. Кога овие услови ќе бидат исполнети тогаш се разгледува цената на понудувачот кој секако е главен критериум.

Сумата која ја спомнувате е за период од 12 години заклучно со 2027 и е наменета за транспортни средства, средства за индивидуална и колективна заштита, средствата за вооружување (борбени и неборбени), логистичка и медицинска опрема, како и ремонтот и модернизацијата на материјално техничките средства. Значи не само за оклопни возила

Оваа информација досега неколку пати беше пласирана во јавноста, но вие очигледно не сте ја слушнале ниту пак виделе.

Напоменуваме дека финалните понуди од произведувачите, кои потекнуваат од земји членки на НАТО сеуште не се пристигнати и затоа изнесените факти се чиста шпекулација. Понатаму, битно е да се истакне дека тоа се директни понуди од производителите, а не од трговци.

Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија ќе продолжат со своите активности во насока на модернизирање на опремата и подигнување на стандардот на припадниците на АРМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.