МО: СДСМ бараше зафатен термин, им понудивме нов, но не одговорија

Во однос на информациите пласирани во јавноста дека Министерството за одбрана намерно не ја отстапува малата сала во Домот на АРМ на Социјалдемократскиот сојуз, по повод празникот 13 Ноември, министерството испрати реакција.

-Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичката борба од Министерството за одбрана кон крајот на минатиот месец побараа користење на малата сала во Домот на Армијата на Република Македонија на 13.11.2014 година, од 13 до 15 часот, со цел одбележување на прославата за 13 Ноември – Денот на ослободувањето на градот Скопје. Министерството за одбрана веднаш одговори позитивно на ова барање на Сојузот на борците од НОАВ. Од друга страна, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, со барање од 10.11.2014 година побара користење на истата сала во Домот на АРМ и во истиот период, при што не бевме во можност позитивно да одговориме. Со цел да се излезе пресрет на барањето на Социјалдемократскиот сојуз, Министерството за одбрана понуди да ја отстапи салата по 15 часот, на што не добивме никаков одговор, реагираат од Одбрана.

Од министерството истакнуваат дека  не вршат селективно отстапување на просториите во Домот на АРМ, туку секогаш кога е во можност ги помага и поддржува активностите за одбележување на важни настани, тркалезни маси и конференции.