петок, 24 март 2017  |  Вести денес: 0

МОБ ќе добие модерна сала според сите стандарди

Mob-sala-1

Поврзани вести

Македонската опера и балет ќе добие модерна сала по сите светски стандарди. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска беше во посета на Македонската опера и балет, каде се реновира големата сала.

Проектот почна пред неколку месеци. Институцијата веќе има избрано фирма која во моментов работи на реновирање на целата сала во МОБ. Реновирањето е од огромно значење за функционирање на оваа наша најголема институција, рече Канческа-Милевска.

Министерката информира дека реконструкцијата ќе опфати промена на подот, на сите 730 седишта, на осветлувањето, на двете влезни партии ќе се постават рампи за лицата со посебни потреби, ќе има реконструкција на фоајето, промена на мермерот, ѕидни стакла, молерофарбарски работи…

Информира дека, според договорот,се предвидува до крајот на септември да завршат сите активности за институцијата од октомври да почне непречено да работи.

Од буџетот на Министерството за култура се издвоени околу 62 милиони денари. Во изминатиот период беа издвоени околу 15 милиони денари за реконструкција на системот за греење и ладење за големата сала, кој е ставен во функција. Имаше инвестиции во делот на сцената. Со реновирање на салата ќе се подобрат условите за функционирање и за следење на сите програмски содржини во МОБ, истакна Канческа-Милевска.

Министерката за култура соопшти дека ќе се набави систем за превод и титлување на сите претстави, при самите седишта. Освен македонски, ќе има превод на англиски, германски, албански…

Директорот на МОБ Игор Дурловски нагласи дека добиле огромна поддршка од Министерството за култура за да го реализираат проектот.

И како гледач и како уметник, често публиката кажува дека столчињата не се удобни и оти е време салата да се реновира. Во програмата што ја имав напишано кога конкурирав за директор на МОБ, беше дека ќе се трудам да донесам дел од странската публика кај нас. За такво нешто требаат услови. Условите благодарение на Министерството за култура ќе ги имаме и верувам дека наскоро ќе имаме модерна сала, која ќе ги задоволува сите стандарди, рече Дурловски.

Најчитани вести