Мобилен тим за прва помош на Црвен крст им помага на мигрантите

Мобилен тим за прва помош на Црвениот крст на Македонија, составен од лекар и медицинска сестра, со возило кое сообраќа на делницата меѓу Скопје и наплатната рампа кај Неготино, им дава прва медицинска помош на изнемоштените мигранти кои секојдневно минуваат низ Македонија на патот кон земјите од ЕУ.

Освен медицинска помош, на мигрантите им се делат и вода, храна, како и кебиња, пренесува МИА.

Според Сандра Игњатовска од мобилниот тим на прва помош која денеска со своите колеги ја посети Општинската организација на Црвен крст на Велес, информира дека состојбата на терен со мигрантите е загрижувачка зашто само за пет часа колку што една нивна екипа е на терен, низ земјава во просек минуваат по 300 бегалци од кризните воени региони.

– Многу од нив  се изнемоштени, исцрпени, имаат плускавци, рани, пликови, изгореници од топлото време, изместени зглобови на нозете поради долгиот пат. Ова се најчестите повреди со кој се соочуваме кога им даваме медицинска помош, рече Игњатовска.

Има најави, додаде, дека вакви мобилни тимови на Црвен крст деновиве ќе почнат да патролираат и кај Гевгелија и Куманово.

Информации од МВР велат дека во текот на само еден ден околу 3.000 мигранти од воените жаришта минуваат низ Македонија и на многумина од нив им  е потребна итна медицинска помош.