Мобилни полициски станици за поголема соработка меѓу граѓаните и полицијата

Граѓаните ќе можат полесно да соработуваат со полицијата со почнувањето на проектот „Мобилни полициски станици“, кој започнува денеска.

-“Во насока на развивање на концептот Community policing, односно полицијата како сервис на граѓаните, a со цел поттикнување на соработката помеѓу граѓаните и полицијата, започнуваме со реализирање на проектот Мобилни полициски станици, како дел од низата проектни превентивни активности што беа најавени и во изборната програма, ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска.

Таа нагласи дека овој проект ќе се имплементира на подрачјето на седум Полициски станици од општа надлежност при СВР Скопје, кои покриваат околу 140 рурални населени места.

– Мобилните полициски станици ќе обезбедат што поголемо присуство и достапност на полицијата при што се организирани посебни мотопатроли составени од водич на безбедносен реон и двајца полицајци  кои што ќе вршат општи полициски работи односно остварување на контакти со локалната самоуправа, локалното население, со претседатели на Месни заедници, претставници на верските заедници, контакти со локални приватни стопанственици. Намерата е заеднички да се откријат проблемите на заедницата, да се воспостави меѓусебно информирање, заедничко решавање на локални безбедносни проблеми, упатување на граѓаните во соодветни институции, преземање на мерки и активности по конкретни пријави од страна на граѓаните. Односно, како што истакна министерката Јанкулоска – да се зајакне и зголеми меѓусебната доверба и подобрување на општата безбедносна состојба во тие средини.

Согласно проценките и плановите на Полициските станици од општа надлежност на подрачјето на СВР Скопје веќе се формирани дваесетина полициски тимови во функција на мобилни полициски станици кои што во наредниот период до декември ќе бидат обврзани да партолираат во околу 140 рурални места на подрачјето на скопско. Така денес во текот на работниот ден мобилни полициски станици ќе бидат присутни освен во Стајковци и во 17 други рурални населени места.