Магазин

Моден викенд ќе се случува од 1 до 6 април, ќе се избираат и најубави нозе меѓу манекенките

Моден викенд ќе се случува од 1 до 6 април, ќе се избираат и најубави нозе меѓу манекенките

Првата априлска недела ќе ја одбележат ревии на повеќе од 20 македонски дизајнери и модни куќи во рамките на деветтото издание на Моден викенд Скопје, кое ќе е одржи од 1 до 6 април на неколку локации во Скопје.

Сезоната пролет-лето 2014 година, по вторпат ќе ја отвори првоаприлски моден маскенбал во клубот „Станица 26“ како најава за многу мода и забава кои ќе го исполнат шестдневното случување.

Во рамките на ова издание на Моден викенд Скопје ќе има и шоурум во концептуалното кафуле „Концепт 37“ каде што по ревиите, колекциите на дизајнерите и на модните куќи ќе бидат достапни за купувачите целиот ден потоа. Ова се прави во насока на доближување на македонските дизајнерски имиња до домашните љубители на модата.

На Модниот викенд Скопје, за првпат годинава меѓу манекенките ќе се избираат најубавите нозе, бидејќи светскиот бенд Veet е во потрага по најубавите нозе.

На модниот викенд  ќе се претстават креаторите Катерина Попева и Марија Дацевска со брендот „Hard to explain“, модната куќа „Елена Лука“, Јасмина Дракул, Мила Кадриу, Никола Петровски, Стефанија Насеска, Марјана Рујаноска, Бобан Илиевски,Ирина Тошева, Александра Митковска, Лидија Георгиева и други.

Во салонот на Ауди- Порше Македонија групна модна ревија ќе имаат студентите на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје како и победниците на проектот „Поп!Мода “ организиран во соработка со Амбасадата на САД во Македонија и Текстилниот кластер-Македонија на минатогодишното пролетно издание на Моден викенд.

Пролетниот Моден викенд Скопје, ќе го затвори најновата колекција на Росица Мршиќ.