Модернизација на образованието преку проектот Microsoft Showcase Classroom

Воспоставеното партнерство помеѓу Владата на Република Македонија, Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Мајкрософт Македонија и ТДК компјутери започна со реализација на Microsoft Showcase Classroom.

Станува збор за пилот „Proof of Concept“ проект, кој има за цел да го прикаже начинот на кој во реална образовна средина (училница) функционираат производите, алатките и платформите на Мајкрософт, специјално создадени и наменети за користење во образовниот систем во Република Македонија. Целта на проектот е трансформација и модернизација на нашето образование во една попродуктивна, иновативна, креативна и организирана средина.

Проектот стартува со доделување таблети потребни за изградба на пилот училници и имплементирање на потребната техничка и софтверска инфраструктура во  ОУ „Петар Здравковски – Пенко“ во Скопје и Медицинското средно училиште „Никола Штејн“ во Тетово.

Главната цел на проектот е модернизирање и олеснување на образовниот и наставниот процес во сите насоки (директор-наставници, наставници – ученици, ученици – ученици, вклучувајќи ги и родителите). Притоа училишната институција ќе се претвори во уште поорганизирана и покреативна средина за учење и соработка, а ќе се зголеми интересот и ангажираноста од страна на учениците во наставниот процес и самостојната работа, поголем развој на нивниот целосен потенцијал преку учење со користење на информатичко-комуникациските технологии.

Нашата заедничка цел преку овој проект е да покажеме и докажеме дека употребата на технологија во наставата го олеснува процесот на учењето, ја подобрува наставата и кај учениците се стекнуваат  современи и дигитални вештини. Нашата долгорочна цел е  училиштата да се трансформираат  во уште повеќе организирана и  креативна околина за учење и соработка. А кај учениците да се зголеми интересот и вклучувањето во процесот на учење, да работат самостојно и  поголем развој на нивниот потенцијал. Опсегот на овие програми и технологии спроведени во нашето образование исто така ќе овозможи остварување на нашата визија кон трансформација и модернизација на нашето образование, изјави министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу.

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски  изјави дека ова е еден од приоритетите на Владата на Република Македонија. Во тек се неколку проекти кои имаат крајна цел да извршат трансформација и модернизација на нашето образование.

Минатата година беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација и технолошкиот лидер Мајкрософт.  Воведувањето на пилот проектот Microsoft Showcase Classroom всушност претставува конкретен проект кој што произлегува како резултат на нашите заеднички напори и партнерството, рече Муцунски.

Мајкрософт во партнерство со локалната компанија ТДК Компјутери донира околу 60 моќни таблети за стартување на Microsoft Showcase Classroom и ќе организира серија настани во обем на обуки, демонстрации и други презентации кои што ќе прикажат како платформите и технологиите на Мајкрософт овозможуваат настава и учење од 21-от век, искуство од учење за сите во секое време – на секое место. На наставниците да им покажеме и демонстрираме како технологијата се користи во наставата и за да откријат што може да направи во училницата, како на пример, со алатката Мајкрософт  OneNote Class Notebook како да создадат динамични предавања во соработка и комуникација со учениците, рече Љупчо Георгиев, генерален менаџер на Мајкрософт Македонија.

Според него, целта е да им се покаже на наставниците како учениците можат да бидат инспирирани да постигнат повеќе, да учат и да се развиваат. Со пилот Офис 365 во двете училници се нуди платформа која овозоможува сеопфатни сценарија за комуникација и соработка за училишната администрација, наставниците, учениците и родителите.

– Среќни сме што во партнерство со Мајкрософт и Владата на РМ ќе работиме по овој пилот проект, кој верувам дека може да придонесе за револуционерна трансформација на образованието во нашата држава. Од наша страна се обезбедуваат моќни виндоус таблети и стручни специјалисти кои ќе се грижат за целосната инсталација и имплементација на хардверот и софтверот, така што потоа сите наставници, учениците и директорите од двете училишта да можат да ги користат таблетите и Мајкрософт алатките во реална средина, изјави Јордан Димитровски, директор на ТДК Компјутери.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.