Модна ревија во Музејот на македонската борба

Модна ревија насловена како „Модните трендови и културата на живеење од ала франга до современа мода“ ќе се одржи на 6. овој месец во фоајето на Музејот на македонската борба.

Организатор на ревијата е НУ Музеј Куманово во соработка со Музејот на македонската борба – Скопје. Преку фотографии и оригинални примероци ќе биде презентирана облеката кај старите кумановски семејства од почетокот на 20. век, а настанот ќе продолжи со модели од современи модни креатори кои се инспирирале од европската мода „ала франга“ од овој период. Публиката ќе може да ги види креациите на Ненад Секирарски и Александар Рашковиќ. Дел од модната ревија ќе биде и концертот на квартетот флејти Аулос.

Ревијата Модните трендови и културата на живеење од „ала франга“ до современа мода се одржува во рамки на одбележувањето на десетгодишнината од Форумот на словенски култури –организација чија цел е промоција на науката, уметноста и културата на словенските земји во Европа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.