Могерини: Договорот меѓу САД и Куба е историски пресврт

ЕУ го поздрави договорот меѓу САД и Куба за обновување на дипломатските односи по повеќе од 50 години оквалификувајќи го како „историски пресврт“, јавува МИА.

Договорот претставува „победа на дијалогот над конфронтацијата“, наведе шефот на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини. Таа додава дека ЕУ се надева оти и Унијата ќе може да ги прошири односите со сите делови од кубанското општество.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун исто така го поздрави историскиот чекор за помирување на двете држави и на конференција за печат, рече дека ОН се подготвени да помогнат во тој процес.

Американскиот претседател Барак Обама синоќа во обраќање до јавноста најави обновување на дипломатските односи со Куба како и крај на „застарениот пристап“ што подразбира намалување на економските санкции и рестрикции за патување.

– Изолацијата не даде резултати. Време е за нов пристап, изјави Обама најавувајќи прекин на полувековното непријателство. Тој додаде дека ќе побара од државниот секретар Џон Кери отворање американската амбасада во Хавана.