Могерини: ЕУ е подготвена за отварање на преговарачките поглавја со Србија

Могерини во посета на Приштина

Високата претставничка на Европската унија Федерика Могерини денеска во Белград изјави дека ЕУ ја гледа европската иднина на  Србија и дека е подготвена првите преговарачки поглавја да се отворат уште оваа година, пренесува МИА.

– И мојата главна порака овде е не само дека Србија е цврсто на патот кон Европската унија, туку и дека Унијата е подготвена на отворање на преговарачките поглавја оваа година. Тоа е од исклучително значење, рече Могерини на заедничката прес-конференција со српскиот премиер Александар Вучиќ.

Могерини му се заблагодари на Вучиќ на лидерството, посебно кога станува збор за спроведување на економските реформи, спроведување на договорот од Брисел , како и на напорната работа на полето на европските инетеграции.

– Бидете уверени дека лично сум подготвена и дека ЕУ е подготвена заедно да ги изминеме километрите што се пред нас, нагласи високата претставничка.

Таа и се заблагодари на Србија за начинот на кој претседава со ОБСЕ, како и на учеството во мисиите на ЕУ ширум светот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.