Могерини: ЕУ е сериозно загрижена од предложениот закон за враќање на смртната казна во Турција

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија Федерика Могерини, денеска испрати декларација, во која истакна дека „ЕУ и нејзините земји-членки ги следат најновите случувања во Турција со сериозна загриженост“.

Брисел е загрижен од влошувањето на безбедносната состојба во турската држава, а посебно од предложениот закон за враќање на смртната казна во републиката, јави дописникот на МИА од Брисел.

– Обновените размислувања за воведување на закон во парламентот за враќање на смртната казна, продолжените ограничувања на слободата на изразување, вклучувајќи ги и социјалните медиуми, со понатамошно затворање на медиуми и налози за апсење на новинари, вклучувајќи уредник и главен и одговорен уредник на весникот „Џумхуриет“ и неколку членови на персоналот, како и неодамнешното апсењето на копретседателите на втората по големина опозициска партија во земјата, ХДП и притворот на неколку од нејзините пратеници се крајно загрижувачки развој на настаните што го ослабуваат владеењето на правото, почитувањето на човековите права и основни слободи и договорната парламентарна демократија во Турција. Истото и ги влошува тензиите во Југоисточна Европа и понатаму го поларизира турското општество во целина – се наведува во декларацијата на Могерини.

Според Високата претставничка на Унијата, ЕУ и нејзините земји-членки најостро го осудуваат терористичкиот напад во Дијарбакир и ја изразуваат својата солидарност со жртвите и нивните семејства. Могерини посочи дека „ЕУ и нејзините земји-членки цврсто веруваат дека сите насилни напади и тероризмот мора да запрат и оружјето мора да биде положено, како и дека стојат на страната на Турција во борбата против тероризмот“.

Акциите против Курдската работничка партија (ПКК), која од страна на ЕУ и нејзините земји-членки е означена како терористичка организација, според декларацијата на првиот човек за надворешни работи и безбедност на Брисел се легитимни, но посочи дека истите мора да бидат во целост со почитување на основните принципи на демократијата, пропорционални и со почитување на човековите права.

Исто така, Федерика Могерини повика на враќање кон веродостоен политички процес и кон вистински политички дијалог на Турција, што според неа е од суштинско значење за демократијата и стабилноста на земјата во регионот.

ЕУ и нејзините земји-членки повторуваат и дека одлуката на турскиот парламент во мај 2016 година да дозволи укинување на пратеничкиот имунитет на голем број на пратеници во Собранието е прашање на сериозна загриженост. Имунитетот, според Декларацијата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), мора да важи за сите врз основа на недискриминирање и одлуките за одземање на имунитетот мора да се базираат на вредностите на секој конкретен случај, според транспарентните критериуми и да не биде предмет на било-какви политички размислувања.

– ЕУ и нејзините земји-членки ја повторуваат нивната осуда на обидот за државен удар на 15 јули оваа година, признавајќи ја потребата на Турција да превземе пропорционална акција. Сепак, ја повикуваме Турција да ја заштити својата парламентарна демократија, вклучувајќи го и почитувањето на човековите права, владеењето на правото, основните слободи и правото на секое лице на фер судење, во согласност со нејзините обврски како земја-кандидат. Во овој поглед, ЕУ и нејзините земји-членки ќе продолжат да ја следат и оценуваат ситуацијата многу внимателно и се подготвени да го продолжат политичкиот дијалог со Турција на сите нивоа, во рамките на воспоставената рамка – се наведува на крајот од Декларацијата на Федерика Могерини.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.