Могерини: ЕУ и Турција треба да бидат поусогласени во надворешната политика

Европската унија и Турција треба да бидат поусогласени во надворешната политика за да се изборат со заканите, како што е Исламска држава (ИД), истакна синоќа шефицата на надворешната политика на Унијата, Федерика Могерини, во текот на посетата на Турција.

Како што пренесе МИА, Могерини наведе дека Турција, која е кандидат за пристапување кон Унијата, поддржала помалку од третина од последните надворешнополитички ставови на ЕУ, додека во минатото степенот на усогласеност бил околу 80 отсто, пренесуваат британските медиуми.

На прес-конференцијата во Анкара, Могерини нагласи дека е недоволна усогласеноста меѓу ЕУ и Турција на планот на надворешната политика и дека безбедноста треба да се поправи, како и дека оваа неусогласеност претставува проблем и за ЕУ „но, главно, е проблем за Турција“.

Турција од 2005 година преговара за пристапување кон ЕУ, но политичките пречки, првенствено поделениот Кипар, како и отпорот кај некои членки на Унијата за турскиот прием, ги забавија овие преговори.