Могерини: Гласањето ја потенцира потребата Израел и Палестина да ги обноват преговорите

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изјави синоќа дека гласањето во Советот за безбедност на Обединетите нации ја потенцира потребата Израел и Палестинците итно да ги обноват преговорите, пренесе МИА.

Советот за безбедност не ја усвои резолуцијата, која ја поддржаа Арапите, а која би го отворила патот за палестинската држава со главен град источен Ерусалим. САД гласаа „против“, откако истакнаа дека во документот е земена предвид загриженоста на Израел за безбедноста.

Резолуцијата даваше рок од една година за постигнување конечна мировна спогодба меѓу двата народи и повика на целосно израелско повлекување од палестинските територии до крајот на 2017 година.

– Гласањето уште еднаш ја истакнува итноста за обновувањето на суштинските преговори меѓу страните и потребата меѓународната заедница да се фокусира на конкретните достигнувања, да се постигне конечно решение, истакна Могерини преку соопштение.

Франција и Луксембург ја поддржаа резолуцијата, а Велика Британија остана воздржана. За да биде усвоена беа потребни минимум девет гласови „за“, а за неа гласаа осум од 15 земји.