Могерини и Хан: Одлуката на Уставниот суд можност за враќање на договорот од Пржино

Одлуката на Уставниот суд го отвора патот за Парламентот одново да се состане и да ги откаже изборите закажани за 5 јуни за кои не постојат услови. Ова е враќање на можноста за државата да се осврне на повеќе сериозни прашања кои се во срцето на пролонгираната политичка криза. Патот напред мора да биде дефиниран од главните политички партии заедно бидејќи само со зрел дијалог инклузивност и посветеност на демократските принципи, како и на неопходните реформи и нивното спроведување земјата ќе се врати на евроатлантскиот пат.

Ова се вели во заедничката пишана изјава на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан во врска со најновите слулувања во Република Македонија, пренесува МИА.

Сите партии мора да го почитуваат договорот од Пржино на кој се согласија минатата година. Оваа рамка останува најдобар начин за излез на земјата од постојната криза. Треба да се продолжи со работа на подготовка на кредибилни избори како и на итните реформски приоритети преку  инклузивен процес, се вели во пишаната изјава од Могерини и Хан.

Во соопштението се додава дека партиите, исто така, мора итно да ги адресираат сериозните загрижености околу помилувањата на повеќе официјални претставници од страна на претседателот Иванов.

Помилувањата од 12 април мора да бидат повлечени без какво било одложување за да се зачува принципот на одговорност, да се преземат мерки во врска со загриженостите за неказнивост и да се избегне селективна правда. Фундаментално демократско право е сите граѓани да бидат еднакви пред законот, стои во изјавата на ЕУ-дипломатите.

Во истата смисла, се додава, партиите мора да гарантираат целосна поддршка за СЈО и да овозможат негово непречено работење, бидејќи, се нагласува, СЈО и неговата работа се централен дел од договорот од Пржино.