Могерини: Има многу причини и денеска да го одбележуваме Денот на Европа

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, во видео порака по повод Денот на Европа, кажа дека постојат многу причини овој ден и натаму да се одбележува, иако е свесна дека многумина денеска ќе се прашаат дали и натаму е така.

Таа наведе дека првпат во својата историја ЕУ се соочува со егзистенцијална закана, но дека не станува збор за тероризам и секако не е збор за миграциите, бидејќи, како што кажа, ЕУ има средства да ја спречи радикализацијата и може да го совлада приливот на мигранти, да ги заштити животите и да изгради силни партнерства со земјите во регионот и пошироко.

– Егзистенцијалните закани доаѓаат од внатрешноста на нашите граници. Нашата Унија е во опасност кога градиме ѕидови место да ги уриваме и кога се однесуваме како „Европејци на одредено време“. Повикуваме помош кога ни е потребна, но не сме подготвени да помогнеме, истакна таа.

Според Могерини, „доколку ги дискриминираме луѓето врз основа на бојата на кожата, јазикот кој го говорат, начинот на кој се молат, Унијата е во опасност“.

– На светот му е потребна силна Европа, повеќе отколку кога било претходно. Имаме одговорност кон сопствените граѓани, но и кон остатокот од светот, порача Могерини, додавајќи дека, како што се уверила, насекаде низ светот луѓето со воодушевување и надеж гледаат во Европа.

И покрај сите тешкотии, нагласи таа, Европа и натаму го има единствениот успешен процес на регионална интеграција и е најбогатиот континент во светот.

– Ниту на едно место во светот нема толку слобода, слобода на изразување, движење, да се молите или да не се молите, да сакате, да гласате, да ја избирате сопствената судбина и да работите на нејзиното  остварување. Насекаде во светот сме првиот трговски партнер, првиот инвеститор, првиот донатор на хуманитарна и развојна помош, првата дипломатска сила, а пречесто забораваме колку силни можеме да бидеме, истакна шефицата на европската дипломатија во видео пораката по повод Денот на Европа.