Могерини: Вечерашниот состанок со премиерите и определениот за премиер од Балканот е како да работат подобро заедно

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, денеска на прес-конференција во Брисел ја најави вечерашната неформална средба со, како што самата кажа „премиерите и орпеделениот за премиер од шест балкански држави“, посочувајќи дека истата е со цел овие претставници со ЕУ да се договорат како да работат подобро заедно во иднина.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, уште од вчера е познато дека на дненешната неформална вечера во организација на Могерини, Македонија ќе ја претставува претседателот на СДСМ и мандатар за формирање на македонска Влада, Зоран Заев.

– Видовме дека Западниот Балкан е регион кој е клучен за ЕУ, кога станува збор за безбендоста и за превенција од радикализација. Имаме силна соработка со нив во однос на менаџментот на миграцискиот наплив и менаџирање на нашите граници. Често велам дека не говориме за европска парспектива на Западниот Балкан, бидејќи тие се веќе Европа, но поентата е за перспективата за челснтво во Европската унија на овие земји – истакна Високата претставничка на Унијата на почетокот.

Според Федерика Могерини токму тоа е причината и целта на вечерата, за што според неа, таа ги поканила „премеиерите и определениот за премиер од шест западно-балкански партнери“. Таа рече дека токму со нив сака да ја сподели состојбата во регионот, начинот како да се движи напред.

– Исто така и да разговараме како ЕУ може да ги засили можностите и перспективите за добрососедски односи во регионот, зголемена соработката меѓу нив и со Унијата, како и консолидација со она што го нарекуваме трансформирачка моќ од перспективата за членство во Европската унија. Целта е да се развијат инклузивни општества, добро управување и широки економии – додаде Могерини.

Според првата дама на дипломатијата на Европската унија, нејзина посветеност, но и псоветеност на еврокомесарот Јоханес Хан, како и на тројцата претседатели на ЕУ-институциите: Жан-Клод Јункер, Доналд Туск и Антонио Тајани е, како што рече „да има силна посветеност на ЕУ-институциите да работат блиску со сите шест земји од Западниот Балкан“.

– Ова не значи да работиме за нив, туку со нив и тоа е целта на вечерашниот состанок. Да ги повикаме заедно за одржливата сила на ЕУ да ги состане тука и да ги охрабри на заедничка работа за тоа како регионот самиот, но и регионот со Европската унија да работат подобро заедно по последниот развој на настаните. Неодамна, имаше некои потешкотии, но и некои охрабрувачки чекори, па секогаш е добро да се сретнат и сите заедно да разговараме за чекорите што ќе ги превземеме за во иднина. Ова ќе биде одлична можност за да изградиме подобро регионално разбирање и како да работиме на патот кон Европската унија заедно – заврши Федерика Могерини.

Инаку, според информациите од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) на Европската унија, денешната неформална вечера на Могерини со петте премиери и определениот за премиер од шест западно-балкански држави се очекува да започне околу 20:30 часот. Претходно, Високата претставничка на Унијата има предвидено и билатерални средби со Зоран Заев од Македонија, но и со премиерите Александар Вучиќ (Србија), Иса Мустафа (Косово), Денис Звиздиќ (БиХ), Еди Рама (Албанија) и Душко Марковиќ (Црна Гора).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.