Македонија

Мохамет Точи доби одговор од Министерката Јанкуловска

Мохамет Точи доби одговор од Министерката Јанкуловска

“Почитуван г-н Мухамед Точи,

Квалификацијата „наводно Ваши разговори“ која ја давате во дописот, најдобро ги опишува незаконските дејствија кои во континуитет ги прави четврто осомничениот во случајот ”Пуч”, држејќи ја целата земја и сите граѓани во заложништво под закана дека истиот поседува снимки од приватни разговори за 26.000 граѓани и во секој момент може да манипулира со нив.

Вашиот оправдан сомнеж во неговите тврдења оди во прилог на потребата од институционалното расчистување на еден случај во кој што со креирани материјали се прави обид да се создаде лажна реалност. Ова несомнено претставува флагрантно кршење на повеќе закони и уставно загарантирани права, но истовремено претставува и срамна и невидена пракса не само во регионот или Европа, туку во светски рамки.

Јас лично и ВМРО-ДПМНЕ преку конкретни активности во многу наврати покажавме каков е нашиот однос кон Ромите, дека ги почитуваме сите граѓани и ја промовираме нивната еднаквост. Ромите не смее да бидат потценувани. Од 2006 година наваму, Ромите имаат свој Министер во Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ромите за прв пат во историјата добија можност да раководат и со голем број други институции што ја покажува нашата доверба, но и определбата на квалитетот да му се даде шанса. Реализиравме проекти со кои десетици Роми се стекнаа со лични документи. Реализиравме проекти за зголемување на социјалната помош и отпис на долгови. Направивме напор за подобрување на здравствениот систем, образованието, спортот и културата. Одлучно се посветивме на решавање на проблемот со децата Роми на улица со нивно згрижување, а во 18 градови беа отворени 18 градинки за прифаќање на овие деца. Отворени се информативните ромски центри од страна на Министерството за труд и социјална политика кои помогнаа да станат повидливи реалните проблеми на Ромите. Се посветивме на решавањето на инфраструктурни прашања преку инвестииции во водоводната и канализациската мрежа во 18 општини каде што живеат Роми. Воведена е катедра за ромски јазик на филолошкиот факултет во Скопје и направени се бројни чекори за регионалната поддршка за подобрување на капацитетите за постигнување на реален напредок во вклучување на Ромите во општеството. Ромите знаат дека во рамки на имплементацијата на Националните акциски планови од Стратегијата за Ромите во Република Македонија и Декадата за вклучување на Ромите 2005–2015 година, беа реализирани проекти од комуналната инфраструктура во населби населени со претежно ромско население. Од почетокот на имплементацијата на Проектот за Инклузија на деца Роми во предучилишно образование, заклучно со учебната 2013/2014 година беа опфатени 2.000 деца Роми во предучилишното образование, од коишто 82% се запишани во основното образование. Проектните активности се имплементираат во 18 општини низ Македонија. Ангажирани се 17 негувателки во градинките каде што се вклучени ромски деца во рамки на проектот од 2006-2013 година и ангажирани се 17 ромски НВО како партнери во имплементацијата на проектот.

Впрочем, самите Роми во последните 9 изборни циклуси покажаа дека знаат да го направат сопствениот избор, помеѓу поткуп со старо расипано месо како опција што им ја понуди сегашната опозиција и проектите за подобар живот како опција што им ја понуди коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Благодарение на нивната поддршка и поддршката на огромното мнозинство на граѓани, во регионот Македонија е лидер во заштита и промоција на нивните права во сите области.

Почитувани,

Независно од обидите да се внесе раздор помеѓу граѓаните на Република Македонија, преку креирани материјали кои се прибавени и се објавуваат на незаконски начин да се претстави слика која не одговара на реалноста, на кои сите ние сме сведоци во последно време, јас сум убедена во исправноста на политиката на еднаков третман и почитување на сите граѓани без оглед на нивната етничка припадност. Затоа сите заедно мора да истраеме во спроведување на проекти за подобар живот на сите граѓани на Македонија и промоција на меѓусебното почитување“.

Министерство за внатрешни работи на Република Македонија