Мојсовски го има рецептот за следниот противник

Македонскиот ракометар, Наумче Мојсовски го има рецептот за следниот противник на Македонија, незгодните и екстра брзи Словенци во соминафиналето.

Поспора игра со подолг напад, или моделот на Металург за да се сопре хаосот и брканицата на теренот што ја практикуваат Словенците. Во осминафиналето нема поправен се игра елиминациски меч, а Гајиќ, Кавтичник, Скубе и Зорман инсистираат на ултра брз напад, а честопати противникот на Словенија не стасува да ја формира одбраната.

-Ќе мораме да одиграме најдобро што знаеме против Словенија за да стигнеме до четвртфиналето. Според мене клучно ќе биде што повеќе да ја имаме топката во свој посед, да го искористиме рецептот на Металург и со бавен напад да го исфрлиме од ритам противникот. Словенците се селекција што сака да ја има топката во раце, доколку ги оневозможиме во тоа ќе завршиме голем дел од работата. Речиси на сите натпревари постигнаа преку 30 гола, па овојпат одбраната ќе мора да ни биде подобра, да ги спуштиме на околу 25-26 погодоци, изјави Мојсовски.

Словенија со просек од 32 погодоци по натпревар се втора селекција по ефикасност на мундијалот зад Шпанија. Словенија вкупно постигна 160 гола на 5 меча.