Мојсовски кариерата ќе ја продолжи во Романија

Наумче Мојосвски продолжува во Романија

Утре го потпишува и договорот со новиот клуб.

Тој се наоѓа во Букурешт каде е на “запознавање” со тимот предводен од нашиот тренер Звонко Шундовски.

Романците биле задоволни од она што го виделе му понудиле договор на 18 месеци, со клаузула по завршување на сезонава, да се преговара за останувањето и во следната сезона. Мојсовски треба да реши дали понуденото е според неговите очекувања, иако тој веќе тренира со екипата.

Договорот треба само да се преведе, и да се дотераат некои детали. Утре ќе се знае се, па и времетраењето на моето останување. Добра екипа се, само им треба уште воигрување. Верувам дека ќе бидам добро подготвен, па и за настап на ЕП во Полска. Сега ми претстои период на максимално сериозна работа, кратко изјави Мојсовски кој е во Букурешт и тренира со тимот на ЦСМ Букурешт

Со оглед на тоа што Романците веќе почнале да подготвуваат документи за да може да добијат работна виза за Мојсовски, значи дека нашиот бек до јуни ќе биде во Букурешт. Неделава или следната недела би требало да дојде во Скопје и да аплицира за работна дозвола во Амбасадата на Романија во Скопје.

За домашно првенство сигурно ќе ми треба работна дозвола, а ќе проверат дали и за настап во европските купови треба. Незнам дали ќе стигнат да ме регистрираат за сегашните настапи против Кангас во Купот на ЕХФ, вели Мојсовски.

Досега повеќепати македонскиот бек беше поврзуван со трансфер во Франција, Германија, Словачка и Катар, но оваа понуда е најконкретна и првпат тој и тренира со своите “идни” соиграчи. Мојсовски би бил седмиот играч на позицијата среден – лев бек, каде сега настапуваат Маријанац, Милитару, Милошевиќ, Патру, Сомлеа и Ставроситу, а според искуството што го има би бил “прв бек”.

Екипата на ЦСМ Букурешт викендов во домашното првенство на Романија неочекувано загуби на гостувањето кај Турда, 22-30, со што му го препушти лидерското место на табелата на тимот на Динамо Букурешт, по 12 одиграни кола.

За Мојсовски ова ќе биде трето интернационално искуство, по едногодишната печалба во Шпанија (Натурхаус) и Катар (Лахвија). Со потпишувањето за ЦСМ Букурешт се отвора можност репрезентативниот бек да биде подготвен и за настап на ЕП во Полска во јануари 2016 година. На сегашниот собир и турнир во Хрватска, тој не беше повикан бидејќи немаше клуб.

Мојсовски ќе биде осмиот интернационалец во ЦСМ Букурешт, каде се уште и: Марио Блажевиќ (БиХ), Милош Костадиновиќ, Саша Маријанац и Крсто Милошевиќ (сите од Србија), Хавиер Гаминде (Шпанија), Линус Персон (Шведска) и Марко Симовиќ (Црна Гора).

Извор: Спортмедиа.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.