„Молитва за Македонија“ – поетска книга од Раде Силјан

„Матица македонска“ ја објави поетската книга „Молитва за Македонија“ од Раде Силјан, која содржи осумдесет песни, поделени во шест тематски циклуси.

Во поговорот „Поезија на префинет лиризам и метафизички квалитети“, поетот и литературен критичар Ефтим Клетников констатира дека новата  поетска книга на Силјан ги опева отворените рани на нашиот народ.

– Тоа е поезија на еден стамен лиризам, на префинета есенцијална лирска енергија, која се темели на индивидуалната и колективната меморија на душата на чиј поетски разбој е исткаена јадровитата ткаенка на поетот, пишува Клетников во поговорот.

Раде Силјан е автор на шеснаесет поетски книги, високо вреднувани од литературната критика. Негови дваесет и четири дела се преведени на повеќе странски јазици. Добитник е на национални и на меѓународни награди, а минатата година беше добитник на државната награда  „Свети Климент Охридски“ за животно дело.