Молкот на СЈО за „Пуч“ доказ дека одлуката за повлекување од случајот е скандалозна и непрофесионална

Додека во Специјалното јавно обвинителство веќе шести ден молчи околу срамната и скандалозна одлука да се повлече од предметот „Пуч“ реакциите во јавноста за ваквиот нивни чекор не стивнуваат. Познавачите ваквата одлука ја оценуваат како непрофесионална, нестручна, неморална и скандалозна.

Kатица Јанева е во срамен и скандалозен судир со законски пропишаното истражно начело и начелото на контрадикторност (во кривичниот спор се спротивставени поединецот и државата). Значи, таа бега од главна расправа пред суд, бега од обезбедување, предлагање и изведување докази, и прави нешто што е недозволено: однапред ја утврдува доказната важност на определени факти. Тоа е неправично и невозможно, бидејќи тоа го прави судот во постапката на докажување, фаза – оценка на доказите. Таа оценка на судот е единствено меродавна, и во случајот Јанева не дозволи да дојде до тоа, потенцира во својата последна колумна аналитичарот Сотир Костов.

Не стивнуваат ниту реакциите од политичките партии.

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Јанева со ваквата скандалозна одлука директно се ставила во заштита на аболицираниот Зоран Заев. Од ГРОМ, пак велат дека, оваа втора аболиција на Заев од страна на СЈО, отвора врати за нови аболиции од претседателот Иванов.

Додека Катица Јанева и Зоран Заев се кријат и молчат, целата јавност ги очекува одговорите зошто Ѕвонко Костовски потпишал спогодба со судот и го признал делото? Дали на Ѕвонко Костовски, според Катица Јанева, му се лежело во затвор или истиот бил соочен со бројни докази и заради тоа признал и се спогодил за пониска казна? Дали скајп комуникацијата меѓу обвинетите во случајот „Пуч“ е измислена или е обезбедена во рамки на истрагата и ги потврдува нивните мотиви? Овие прашања за жал остануваат неодговорени од страна на Заев и Катица, а целата јавност го знае одговорот, посочија од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.

Од владејачката партија сметаат дека единствената причина поради која што Катица Јанева ја донела одлука за повлекување од предметот „Пуч“ е да ги заштити обвинетите за криминал од затворски казни, но и да ги заштити нарачателите.

Единствената причина поради која што Катица Јанева се повлекува од предметот „Пуч“ е за да го покрие чадорот и неговите истурени играчи на терен, верувајќи во неговата бескрајна моќ да ја заштити и неа и нив во иднина. Зоран Заев повторно беше фатен во криминал, а Катица Јанева наместо да го гони се стави во негова заштита, посочи Спиро Ристовски.

Од партијата ГРОМ, пак, сметаат дека овој непринципиелен потег на СЈО отвора врати за нови аболиции.

Образложението на СЈО за тоа зошто се откажува од обвинителниот акт е обична „евтина манипулација“ со аргументи кои наводно само тие ги знаат и никој друг во државата. Згора на тоа, што оваа аболиција, спротивно на важечките прописи, законот и Уставот, ја прави една неуставна институција како што е СЈО, соопшти партијата.

Оттаму јавно прашуваат ако Заев и неговите соработници биле „чисти“, зошто не дозволиле Судот да процени дали има основа за кривично гонење или нема и не и’ дале шанса на јавноста да види дали Заев барал само предвремени избори или мавтал со снимени разговори нарачани од Верушевски.

Ги потсетуваме оние на кои се однесува оваа аболиција од страна на СЈО дека единствен, согласно Уставот и изборната волја на граѓаните на Република Македонија, кој има право да изрекува аболиции е претседателот на државата, односно во моментот Ѓорге Иванов, потенцираат од партијата.

Познавачите велат дека тоа што СЈО упорно молчи и не ја коментира одлуката за повлекувањето на обвинението, иако постојат бројни докази, скајп комуникација меѓу обвинетите, како и признание на вина на еден од обвинетите, само докажува дека СЈО во случајот постапило срамно, скандалозно и неетички. Според политичкиот аналитичар Александар Даштевски, одлуката на СЈО да  се повлече обвинението во случајот „Пуч“ е со намера одолговлекување на судскиот процес.

Многу е тешко кога имате покренат случај, со докази, аудио, видео материјали, човек е осуден, четири лица биле во притвор, сега да се откажете од случајот. Намерата е да се одолговлекува судењето и понатаму, да се стави во статус – кво состојба каде нема да може никој да биде гонет. Мислам дека ќе се чека предметот да биде вратен во претходна постапка и потоа ќе започнат да се бараат докази, смета Даштевски.

Инаку, овој судски предмет досега помина низ низа одложување на рочиштата без при тоа да започне расправа за предметот. Опозицискиот лидер Зоран Заев практично и не се појави во судница наоѓајќи разни оправдувања за одложување на рочиштата.