Молк во Грција за видеото со Бошковски

Втор ден целосен молк во Грција за објавеното видео со Љубе Бошковски, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Видеото во кое што посредникот со грчки нагласок го информира Бошковски дека грчката влада била воодушевена од него, а овој најавува менување на името на државата и на нацијата за два дена откако ќе дојде на власт, засега целосно се игнорира кај јужниот сосед.

Со тоа продолжува селективното и пристрасно информирање за аферата „Пуч“, па иако се објавуваат информации за протестите на СДСМ пред Владата на кои што едно од главните барања беше и „слобода за Љубе“, за видеото засега ни збор.

Меѓу коментарите што може да се прочитаат во Грција и натаму доминира обидот за одбрана на Заев и СДСМ и прикажување на нивните конструкции како апсолутна вистина. Во тој контекст, грчкиот портал Hellas Force коментира дека снимките на Заев докажале злоупотреба на власта и местење на судски случаи.

– Организаторите на протестот одлучија јавно да ги објават аудио записите на кои што е евидентно дека директорот на безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, исто како и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, организирале политички апсења и судски случаи, како и други форми на злоупотреба на власта, се вели во текстот.

Врз основа на нелегално снимените разговори од странски служби и конструкциите на Заев, дел од грчките медиуми и интернет портали тврдат дека СДСМ и покажале на Европската Унија дека грешела кога тврдела дека Македонија ги исполнува критериумите за старт на преговорите за членство.

Дека случувањата во Македонија и одат во прилог на Грција пишува и весникот „Имерсија“. Авторот на анализата тврди дека Балканот и Медитеранот биле подготвени да експлодираат, а дека тоа е главен адут на Грција во контекст нејзината важна улога во стабилноста во Европа. За Македонија, весникот коментира дека лидерот на главната опозициска партија извадил документи кои што наводно покажувале целосна и недемократска контрола на Владата врз судството и дека наводната мрежа за прислушкување покривала илјадници граѓани.

– Овој случај, кој што предизвика реакција и остро предупредување од Вашингтон, брзо го доведе во Скопје комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, кој што побара компромис меѓу двете политички партии во земјата, која што има поднесено барање за членство во ЕУ и во НАТО, се вели во текстот на „Имерсија“.

И додека грчката јавност остана покуса за информациите од видеото со Љубе Бошковски, во македонската тоа се толкува како уште еден показател за тоа која странска служба, меѓудругите, има интерес да потплаќа дел од македонските политичари и новинари. Видеото со Љубе Бошковски се чини дека е само уште еден доказ дека скандалот со потплаќање македонски новинари и политичари обелоденет од времето кога Антонис Самарас беше шеф на дипломатијата, свое продолжение има и денес.