Балкан

Балканските екстремисти ја вознемируваат Европа Момче од БиХ осомничено за планирање терористички напад во Австрија

Момче од БиХ осомничено за планирање терористички напад во Австрија

Дваесет и петгодишен маж од Босна и Херцеговина е уапсен во Грац поради сомневање дека планирал напад врз предбожикен саем во овој австриски град, објави тамошната полиција во четвртокот.

Младиот маж, чијшто идентитет не е објавен, а властите наведуваат дека е со муслиманска вероисповед, е уапсен на 1-ви декември во едно засолниште каде што бил виден од други дека проучува видео снимки од минатогодишните терористички напади со камион и во француското летувалиште Ница и во германската престолнина Берлин, изјави портпаролот на полицијата.

Сведоци го слушнале како разговара за Берлин и за тамошните жртви. Посетувал џамии, но засега не е познато дали бил радикализиран и дали имал соработници, додаваат од полицијата во Грац.

Минатата година на божикниот саем во Берлин загинаа 12 луѓе, кога Тунижанец со украден камион се залета во посетителите. Претходно минатото лето, маж од арапско потекло со камион смртно покоси 84 луѓе кои на Англиското шеталиште го следеа огнометот по повод францускиот национален празник Денот на падот на Бастилја, 14-ти јули.