Момче претепано пред трговски центар

Дваесетгодишен жител на тетовско и неговиот роднина во петокот биле нападнати од десетина непознати лица, при што се здобиле со телесни повреди, информира во саботата Министерството за внатрешни работи.

Н.З. (20) од селото Добарце вчера попладне пријавил дека околу 13 часот околу 10 непознати лица извршиле насилство врз него додека бил со негов братучед од селото Желино и негов другар.

Неговиот братучед и другар со возило отишле во Трговски центар „Ремол“, додека Н.З. заминал по нив. Кога стигнал на вториот кат, непознато лице му се доближило и му рекло да не го бара повеќе на телефон. Н.З. не застанал, а истото лице го повикало да излезе надвор да разговараат. Кога излегол на паркингот, непознатото лице веднаш физички го нападнало, удирајќи го со тупаница во пределот на главата.

Во тој момент друго непознато лице го удрило со тврд предмет по главата, а набргу потоа им се приклучиле уште осум непознати лица кои го удирале со тупаници и клоци во пределот на главата и телото, информираат од полицијата.

Н.З. бил пренесен во Клиничка болница Тетово, каде му биле констатирани телесни повреди. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и за целосно расчистување на случајот.