Момчето пронајдено мртво во Радовиш починало од насилна смрт

Дваесет и шестгодишното момче чие безживотно тело вчера попладне беше пронајдено во куќа во Радовиш каде што тој престојувал како потстанар, починало од насилна смрт, покажале првичните сознанија од увидот на надлежните институции, соопшти денеска Јавното обвинителство.

По претходна пријава од дежурната служба на СВР Струмица, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица вчера попладне изврши увид во куќа во Радовиш во која е пронајдено безживотно тело на 26 годишен маж.

По Наредба на јавниот обвинител повикан е дежурен обдуцент од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, кој според првичните сознанија утврдил дека се работи за насилна смрт. Од местото на настанот се земени биолошки траги и докази и по Наредба на јавниот обвинител телото е предадено на обдукција со што ќе бидат утврдени причините за смртта.

Починатото лице било пронајдено во текот на вчерашниот ден во куќа во Радовиш, од страна на сопственикот на куќата, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.