Момент за историја: Хокеј репрезентацијата на Македонија ќе го одигра првиот официјален меч

Македонската репрезентација во хокеј на мраз викендов ќе го одигра својот прв официјален меч и тоа пријателски против У-20 селекцијата на Бугарија.

Историски момент за македонскиот спорт, поточно за македонскиот хокеј на мраз. Македонската репрезентација викендов ќе го одигра првиот официјален пријателски натпревар во хокеј на мраз, а противник е У-20 селекцијата на Бугарија.

„Искрено се надевам дека токму овој натпревар ќе биде историски почеток на нашата репрезентации за соодветни квалификации. Инаку, Агенцијата за млади и спорт во континуитет и дава поддршка на Македонската хокеарска федерација. Во 2014-та година во делот на меѓународните активности и во организацијата на турнирот „Скопје Опен 2014“ од буџеот на АМС беа одвоени вкупно 350.000 денари во насока на популаризација на овој спорт во нашата држава и приближување на овој спорт кон младите генерации“, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.

Претседателот на Македонската хокеј федерација вели дека овој пријателски меч е круна на напорите за промоција и омасовување на хокејот како спорт во нашата држава.

„Веќе неколку години се подготвуваме за ова. Од минатата година имаме соодветни услови со поставувањето на летната арена на „Борис Трајковски“, каде што започнавме со хокеј школи и од оваа година почнавме да играме натпревари. Ова сега на некој начин е круна за оваа година, по турнирот кој го организиравме во ноември месец. Играме со репрезентацијата на Бугарија У-20 за да видиме до каде сме со квалитетот и како можеме да се носиме со она што не очекува во следниот период, а тоа е пријавување за квалификациите за Светско првенство во хокеј на мраз“, изјави Никола Тасев претседател на Македонската хокеј федерација.

hokej-500

Јуре Внук, кој ќе ја има улогата на селектор на репрезентацијата, а со оглед на тоа дека има македонски пасош, истовремено настапува за нашата селекција, вели дека овој спорт може добро да се развива во Македонија.

„Јас мислам дека во Македонија има многу таленти. Нашата репрезентација е спој на искуство и многу млади македонски играчи во кои препознав голем талент. Од мечот не очекувам многу, во резултатска смисла. Овој натпревар треба да ни послужи до каде сме, што треба да направиме и што ни недостасува на играчки, но и на организациски план. Сите заедно растеме и навистина гледам добра можност за овој спорт во Македонија“, вели Јуре Внук, кој ја има улогата селектор на Македонија.

Македонската хокеј репрезентација ќе одигра два меча против Бугарија, првиот е закажан за во сабота во 14:00 часот, а вториот ќе се одигра во недела со почеток во 10:30 часот.

извор: курир.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.