МОН: Екстерното тестирање се одвива согласно акцискиот план

Процесот на екстерната проверка на постигањата на знаењата на учениците од завршните години, трета и четврта, во средно образование, опфати 7.835 ученици во 35 општини во Република Македонија и се одвива според дефинираната динамика, соопштија денеска од Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар.

– Процесот е целосно и успешно завршен во средните училишта во Берово, Богданци, Валандово, Виница, Врапчиште, Гевгелија, Демир Хисар, Битола, Велес, Делчево, Кочани, Охрид, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Липково, Маврово- Ростуше, Македонска Каменица, Македонски Брод, Неготино, Прилеп, Пробиштип, Ресен, Свети Николе, Центар Жупа, Радовиш, Скопје, Струга и Штип, стои во соопштението на министерството.

Екстерното тестирање делумно е реализацирано во училиштата во Куманово, Струмица, Гостивар, Тетово и Кичево, додека во општина Дебар нема реализација.

Екстерната проверка на постигањата на знаењата на учениците ќе се реализира заклучно со утрешниот ден, 30 јануари. Резултатите ќе бидат објавени на 2 февруари 2015 година.