МОН го објави конкурсот за упис на факултетите

МОН го објави конкурсот за упис на факултетите
МОН го објави конкурсот за упис на факултетите
МОН го објави конкурсот за упис во јавните високообразовни установи во Р. Македонија за академската 2016/2017 година. Конкурсот предвидува 24.356 слободни места на петте државни универзитети од кои 13.536 места се наменети за редовните студенти во државната квота, 7.327 места за студентите со кофинансирање на студиите и 3.493 слободни места за вонредните студенти.

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска информираше дека сите подетални информации за конкурост, матурантите и целокупната заинтересирана јавност ќе може да ги добијат од печатените медиуми како и од интернет страницата на МОН.

-Датумите за уписните рокови ги одредуваат самите универзитети, но вообичаено првиот уписен рок е во втората половина на месец август, вториот кон крајот на август и првите денови од септември, додека третиот уписен рок е кон средината на месец септември, рече Ристовски.

Тој посочи дека по одлуката на Владата на Р. Македонија со која неколкукратно се намали партиципацијата за студирање која е на сила веќе 6 години значително се олесни пристапот до високото образование.

-Лицата кои ќе се запишаат како редовни студенти и ќе влезат во државната квота ќе плаќаат 200 евра годишно, а студентите кои ќе се запишаат како редовни во квотата со финансирање и вонредните студенти ќе плаќаат по 400 евра годишно во денарска противвредност. Студентите кои ќе се запишаат на дисперзираните студиски програми ќе плаќаат по 100 евра годишно, рече Ристовски.

На Универзитетот „ Св.Кирил и Методиј“ во Скопје има 10.535 слободни места од кои 6.606 за редовните студенти во државна квота, 2.819 за редовни студенти со кофинансирање и 1.110  за вонредни студенти.

На Универзитетот„ Св. Климент Охридски“ во Битола има 3.543 слободни места, 2040 за редовни студенти во државна квота, 790 за редовни студенти со кофинансирање на студиите и 713 за вонредни студенти.

На Универзитетот за информатички науки и технологии„ Св. Апостол Павле “ во Охрид има 440 слободни места од кои 220 за редовни студенти во државна квота, 110 за редовни студенти со кофинансирање и 110 за вонредни студенти.

На Државниот универзитет во Тетово има 4.600 слободни места од кои 1.335 за редовни студенти во државна квота, 2.600 за редовни студенти со кофинансирање и 665 за вонредни студенти.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има 5.238 слободни места 3.335 за редовни студенти во државна квота, 1.008 за редовни студенти со кофинансирање на студиите и 895 за вонредни студенти.

Заменик министерот апелираше сите идни студенти изборот на областа во која ќе студираат да го направат врз основа на сопствените убедувања, афинитети и предиспозиции. Многу е важно, како што рече, предвид да ги земат и инфорамциите за тоа колку одредено занимање е побарувано и колкава е веројатноста да обезбеди соодветен работен ангажман по завршување на образовниот процес.

– И годинава потребно е да се обрне внимание на техничките струки, особено на инженерството, градежништвото, производството, како и на природните науки и математиката, рече Ристовски.

Во изминативе пет години, како што рече, имаме значително зголемување на бројот на студенти кои се одлучуваат да студираат на природно-математичките и техничките факултети.

– Ако во 2010 година имавме 20,9 отсто од вкупниот број на студенти во генерација кои одбрале технички и природно-математички науки, во 2015 година тој процент изнесуваше 31, потенцира Ристовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ристовски рече дека на Универзитетот „Гоце Делчев“ има нова катедра за вајарство, која ќе биде дел од Ликовната академија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.