МОН го повлече учебникот „Граѓанско образование“ за 8-мо одделение

Учебниците по Граѓанско образование за осмо одделение и Општество за 4 одделение кои се повлечени со решение на министерката за образование и наука не треба да се користат, а Комисијата која работеше на нивно разгледување утврди и други спорни содржини покрај за оние за кои беа поднесени претставки.

Ова го соопшти денеска министерката за образование и наука Рената Тренеска Дескоска на прес-конференција на која имаше отчет за првите 100 дена работа во овој ресор.

Учебниците се повлечени и учениците и наставниците не треба да ги користат во наставата, а Бирото за развој, како што рече министерката, до крајот на неделата треба на својата веб страница да објави прирачник за наставниците по кои тие ќе предаваат по овие два предмета.

– До мене стасаа информации дека биле поделени повлечените учебници и тоа е спротивно на решението што го донесов. Повторно ќе бидат испратени укажувања до сите училишта, но со посебно укажување до оние за кои имаме информации дека биле поделени учебниците – рече Тренеска Дескоска.

Учебниците беа повлечени поради утврдени дискриминаторски содржини и стереотипи, а по поднесени претставки.

До 15 септември, како што кажа министерката, тече и рокот за пополнување на електронскиот прашалникот кој е доставен до училиштата со цел наставниците да го дадат своето мислење за квалитетот и потребата од промени на учебниците по кои предаваат.

Во однос на учебниците, министерката соопшти дека се разгледува и состојбата со печатењето учебници за потребите на учениците, бидејќи имало ситуации во кои училиштата изразиле потреба од печатење нови учебници поради поголемиот број запишани ученици.