МОН ќе додели 30 стипендии за Филмска академија Охрид

Филмска академија Охрид е формирана минатата година и  работи по програмата и стандардите на престижната и петата најстара филмска и телевизиска школа во светот ФАМУ од Прага.

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека оваа година финансиската поддршка се  зголемува и ќе бидат доделени 30 стипендии за студенти со тоа што покрај постојните ќе бидат воведени и 4 нови студиски програми и тоа програмни за камера, режија, монтажа и за монтажа и дизајн на звук.

-Во текот на минатата година почнаа да функционираат првите две катедри, катедрата за сценарио и продукција при што за прв пат беа доделени полни стипендии кои што МОН заедно со Филмската академија во целост ги покри за студентите кои што се запишаа како прва генерација на оваа филмска академија. Во текот на минатата година имавме оглас за 20 стипендии, а беа доделени 13 стипендии соодветно на бројот на студенти кои беа примени, истакна Ристовски.

Аплицирањето за упис на Филмската академија  Охрид е до 6 јуни. Студентите откако ќе бидат примени на Академијата ќе можат да аплицираат за стипендија од МОН до 15 септември.

-Апелирам до сите заинтересирани потенцијални студенти да ги искористат можностите и да се информираат на веб страната на МОН и на Филмската академија и да аплицираат, единствен услов е да не се корисници на друга стипендија и одлично познавање на англиски јазик, истакна Ристовски.