МОН ќе додели 745 стипендии за ученици од средните училишта

Министерството за образование и наука ќе додели 745 стипендии за учениците од државните и приватните средни училишта.

Од нив, 400 стипендии се наменети за социјална поддршка на учениците, 80 за деца без родители, 50 за ученици со посебни потреби, 150 стипендии ќе бидат доделени за талентирани ученици спортисти, 50 за талентирани ученици и 15 за учениците од угостителско – туристичка струка.

Сите кандидати треба да се редовни ученици, да не ја повторувале годината, да не користат друга стипендија и да се државјани на Република Македонија. Покрај општите критериуми, за секоја група стипендии се пропишани и одредени услови што треба да ги исполнат учениците кои ќе аплицираат.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска на прес-конференција информираше дека конкурсот е веќе објавен и оти ќе биде отворен до 15 овој месец.

– Заинтересираните кандидати сите дополнителни информации можат да ги најдат на порталот konkursi.mon.gov.mk, каде што е поставена електронската пријава. Рокот за аплицирање е од 3.11.2015 и ќе трае до 15.11.2015 година. Резултатите ќе бидат објавени на порталот stipendii.gov.mk на 14 декември, појасни Адеми.

Стипендииите наменети за социјална поддршка ќе изнесуваат 2.200 денари месечно, за децата без родители 2.750 денари и исто толкав паричен надомест ќе добијат и учениците со посебни потреби. Талентираните ученици спортисти и талентираните ученици ќе добијат стипендија во висина од 2.970 денари месечно, а за учениците од угостителско – туристичка струка ќе бидат доделени стипендии од 2.200 денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.