МОН ќе ги поврзува компаниите и стручните средни училишта

Министерството за образование и наука, преку новата електронска адреса praksa@mon.gov.mk, ќе прави поврзување на компаниите и учениците од средните стручни училишта, со цел да се обезбеди реална пракса и совладување на голем број практични вештини.

Ова денеска го истакна министерот Спиро Ристовски, кој денеска беше во посета на средното модуларно училиште „Илинден“ во истоимената општина.

„Доколку компаниите имаат потреба, ќе пријавуваат на таа и-мејл адреса, а ние како ресорно министерство во соработка со општините ќе склучуваме меморандуми за соработка со компаниите и ќе им обезбедуваме реална пракса на учениците“, рече Ристовски.

Училиштето од Илинден и општината самоиницијативно соработуваат со компании и веќе имаат склучено четири меморандуми за соработка  и тоа со „Џонсон контрол“, „Џонсон Мети“, „Ван Хул“ и со МЕПСО.

„Ќе бидеме максимално фокусирани во наредниот период ова да стане обврска  на самите училишта да реализираат пракса преку склучување меморандуми за соработка, не само формално, туку за вистинско спроведување“, рече Ристовски.

Во средното училиште „Илинден“ има 63 средношколци во прва година.  Во Конкурсот за новата учебна година повторно се планирани две паралелки со вкупно 68 ученици за две насоки – електротехничар за електроника и телекомуникации и електротехничар за компјутерска техника и автоматика.

Според градоначалникот на општината, Жика Стојановски, оваа иницијатива им се дава поголема перспектива на учениците, а многу знаења можат да добијат преку комбинација со практиката.

„Практичната настава ќе се обезбедува во најголеми компании во Илинден и пошироко, со цел  учениците по завршување на четвртата година да излезат со многу знаење и практика за да може веднаш да влезат во процесот на производство. Тоа е крајната цел зашто така се намалува невработеноста, рече Стојановски.