МОН објави два огласи за творечки субвенции

Министерството за образование и наука објави два конкурси за доделување на еднократни финансиски средства, со коишто продолжува да ја поддржува научно – истражувачката и творечката дејност на научно истражувачкиот и наставен кадар од високообразовните и научните установи во Република Македонија.

Првиот конкурс се однесува на доделување на таканаречени “научни субвенции“, односно еднократни финансиски средства во висина од 30.000 денари за објавени научно-истражувачки трудови на домашни автори во меѓународни научни списанија со фактор на влијание.

“Овој конкурс се објавува веќе четврта година по ред и предвидува доделување на еднократни средства за најмногу 300 научно-истражувачки трудови објавени во 2014 година, поделени во 6 области и тоа: природно-математички науки, техничко-технолошки, медицински науки и здравство, биотехнички, општествени и хуманистички науки“, рече министерот Адеми на денешната прес конференција.

IMG_3845

Вториот конкурс се однесува на доделување таканаречени “творечки субвенции“, односно еднократни финансиски средства во висина од 30.000 денари, за творечките дејности реализирани во 2013 година од страна на наставници и соработници на високообразовни и научни установи од научните области на ликовната уметност и архитектурата, драмската уметност, музичката уметност, филм и книжевност.

Како што истакна Адеми, субвенциите чиишто број не е ограничен, се однесуваат на три типа на творечки дејности: учество или настап на фестивал кој е член на Европската асоцијација на фестивали (European Festivals Association); учество на меѓународен проект и манифестација надвор од Република Македонија, како национален претставник, или учество или настап на меѓународен проект и манифестација надвор од Република Македонија, каде изборот на учесниците се објавува по пат на конкурс, аудиција или селекција.

Министерот Адеми потенцираше дека сите подетални информации за начинот, условите и потребната документација за пријавување, заинтересираните може да ги најдат во конкурсите кои се објавени во печатените медиуми и на интернет страницата на министерството.

Крајниот рок за аплицирање за творечките субвенции е 31.10.2014 година, додека за научните субвенции може да се аплицира до 31.7.2015 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.