МОН: Општините мора да подготват план за рационализација на средствата

Општините мора да подготват план за рационализација на средствата. Министерството за образование обезбедува блок дотации за општините, за одржување на училиштата, за плати, за греење, но не секогаш тие се рационално распоредени. Ова меѓу другото, беше посочено на брифингот на Министерството за образование на кој присуствуваа министерот за образование и наука Абделаќим Адеми и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

За случајот во Кичево, Министерот за образование и наука Абделаќим Адеми посочи дека со спојувањето на повеќе општини во една, се споиле и давачките и долговите. Но, како што рече, постојат општини во кои нема долгови, но има и општини кои имаат милионски долгови, и тоа, големи, урбани општини кои имаат доволно буџет, а одвојуваат многу малку за процесот на образованието.

– Некои од општините потпишуваат договори, а не секогаш ги имаат обезбедено сите средства, појасни Адеми и нагласи дека потоа тој долг кој што останува се припишува како долг на централната власт.

Исто така, не се ретки случаите кога две училишта кои се исти површини имаат сосема различни суми за нафта.

Адеми појасни дека блок дотациите се одредуваат врз точно определена Методологија за пресметка на дотациите, каде во предвид се зема бројот на учениците во училиштето и површината на општината.

Инаку, во однос на покачувањето на платите на наставниците, Адеми нагласи дека во буџетот се одвоени средства за оваа намена. Но, како што рече, Министерството освен блок дотации за плати, обезбедува и блок дотации за реконструкција на училиштата, а општините мора да подготват план за рационализација на средствата.

На брифингот беше потенцирано дека со децентрализацијата, Министерството нема ингеренции за да врши контрола во работењето на училиштата и дека тоа е под надлежност на општините. Сепак, како што нагласи Адеми, евидентно е дека во некои општини постојат извесни нерегуларности. Така, како пример, тој посочи дека директорот на одредено училиште потпишал договор за уредување на двор и градина, а училиштето воопшто нема градина.

– Ние може да констатираме и само да пријавиме до надлежните служби, рече заменик- министерот за образование Спиро Ристовски.

Ристовски и Адеми нагласија дека во насока на подобрување на менаџментот во училиштата се и новите критериуми за избор на директори во училиштата. Покрај тоа што директорите ќе мора да се лиценцираат за директори на училишта исто така, новиот систем подразбира и директор на училиште да не може да биде именуван од колективот каде што работел.

Исто така, во однос на рационализација на средствата, беше посочено дека кога општините би направиле рационализација и би ги намалиле новите вработувања, тогаш тие средства би можеле да бидат пренасочени во други области. Но, тоа е во ингеренција на самите општини и на градоначалниците.

– Општините треба сами да креираат свои политики во образованието, рече Адеми и посочи дека во таа насока оди и проектот „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“. Министерството евидентирало дека не постои такво нешто во општините, а дека од друга страна загрижувачки е фактот дека е многу мала и речиси и да нема комуникација помеѓу родителите и наставниците.

-Тоа не е задолжително, ниту обврзувачко. Тоа е предлог до општините, рече Ристовски.

Во одредени случаи, Министерството за образование и наука како и Бирото за развој на образованието евидентирале дека многу малку од родителите одат во училиштето и остваруваат контакт со наставниците. Основната идеја на овој проект, како што беше посочено на брифингот, е родителите повеќе пати да одат во училиштето.