МОН прифати дел од коментарите за прашањата за екстерното тестирање

Од 720 коментари на прашањата за екстерното тестирање кои во изминатиот месец пристигна , вкупно 151 беа прифатени од страна на работната група формирана од Министерството за образование, изјави денеска министерот Спиро Ристовски.

„Во главно стануваше збор за коментари заради појаснување на одредени прашања и заради поквалитетен превод на истите, но значајно е тоа дека во текот на денешниот ден ќе биде објавен вкупниот базен на прашања со имплементираните 151 прашање, и истите ќе бидат одвоени, односно ќе има посебна листа на овие прашања со прифатените коментари, за да обезбедиме комплетна транспарентност кон јавноста и пред се кон учениците“, потенцираше Ристовски.

Во недела на 19-ти ќе бидат објавени финалните списоци на влезните врати во училиштата. Секој директор и училиште ќе бидат задолжени на 19 јануари да ги објават распоредите за тоа кој ученик кои два предмети ќе ги полага во текот на идната седмица.

Ресорниот министер потсети дека на 22-ри во среда и на 24 јануари во петок екстерно ќе се оценуваат само матурантите, односно дека околу 20.000 ученици и 2.900 наставници ќе бидат предмет на ова екстерно оценување за учениците од завршните години.

„Ако земеме во предвид дека имаме 60.000 прашања и на нив сме добиле вкупно 720 коментари, од кои само 151 се прифатени, евидентно е дека тоа е помалку од 0,025“, истакна Ристовски.

Тој додаде дека не очекува никави проблеми и дека не верува оти некој на било кој начин ќе се обиде да го изигра системот, бидејќи како што посочи, системот е многу чесно направен и транспарентно отворен.

„Сметам дека сега и самите наставници и родителите ја сваќаат многу поправилно суштината на екстерното оценување. Тоа не е процес врз основа на кој учениците и семејствата треба да чувствуваат дополнителен стрес, екстерното оценување е процес во којшто треба да се верификува квалитетот на знаењето на самите ученици, а од друга страна да се верификува и квалитетот на реализираните предавања, на наставата и оценувањата од стрна на наставниците. Крајната цел на екстерното тестирање е да се добие поквалитетен образовен систем во Република Македонија“, истакна Ристовски.

Според него засега нема да има некои нови измени во екстерното тестирање, бидејќи се она што било детектирано како проблем во функционирањето од технички аспект е веќе надминато.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.