МОН: Реализирани се инвестиции за студентите за кои СДСМ никогаш не се ни сети

Очигледни се обидите на Социјалдемократскиот сојуз за предизборна манипулација на студентите и нивно користење во дневно политичките битки. Студентскиот стандард никогаш не бил приоритет на оваа политичка партија, која во времето на нејзиното владеење единствено се занимаваше со приватизацијата и отпуштање на граѓаните од работа, реагираат од Министерството за образование и наука.

Во продолжение соопштението на МОН: 

Наспроти циничниот однос на СДСМ, актуелната Влада и Министерството за образование и наука реализираат конкретни и мерливи активности, особено во насока на унапредување на студентскиот стандард.

За потсетување, изградени се нови современи сместувачки капацитети, во состав на студентскиот дом Стив Наумов, за што се издвоени 1,5 милиони евра. Дел од постојните капацитети во рамки на овој дом се реконструирани.

Во моментов во тек е втората фаза од процесот на темелна целосна реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев. Еден од блоковите е целосно обновен, опремен и функционален, а наскоро ќе биде пуштен во употреба и вториот реконструиран блок. Целосната реконструкција на домот ќе биде заокружена во 2017 година, а ќе бидат инвестирани околу 6 милиони евра.

Дополнително заменети се лифтовите во сите студентски домови каде има инсталирани и се користат лифтови, за што се инвестирани 250 илјади евра. Во меѓувреме, во тек е постапка за замена на инвентарот, а наскоро ќе започне и постапката за набавка на перални и сушални.

Согласно најавите за изградба на 3 нови студентски домови, би сакале да информираме дека за два од нив, постапката е целосно завршена. По потпишување на договорите со изведувачите, ќе започнат активностите на терен.

Дополнително, студентите добиваат нови модерни читални и библиотеки, нови лаборатории на факултетите каде студираат, современа стручна литература, користат стипендии во рамки на системот кој им нуди повеќе од 40 различни видови, добиваат бесплатен превоз во јавниот сообраќај…

Ова се инвестиции за кои СДСМ никогаш не се ни сети, а камо ли да најде време и средства да ги реализира. Така што, апелираме да не манипулира со јавноста и во иднина општествено одговорно да настапува пред јавноста.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.