МОН: СДСМ да престане да ги злоупотребува учениците за дневно политички цели

Министерството за образование и наука континуирано набавува нови и врши замена на постојните учебници во основното и средното образование веќе осма година по ред. Мерка која е директно насочена за поддршка на околу 270.000 ученици и 200.000 родители, кои за разлика од некои други времиња, кога мораа да плаќаат за учебници од 100 до 150 евра годишно, реагираат од МОН, на обвинувањата на СДСМ во сферата на образованието.

Во продолжение интегрален текст од реакцијата на МОН:

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија продолжува да пласира лаги и манипулации поврзани со состојбите во образованието.

Мораме да напоменеме дека Министерството за образование и наука континуирано набавува нови и врши замена на постојните учебници во основното и средното образование веќе осма година по ред.

Мерка која е директно насочена за поддршка на околу 270.000 ученици и 200.000 родители, кои за разлика од некои други времиња, кога мораа да плаќаат за учебници од 100 до 150 евра годишно, сега тоа е обврска на државата, исто како и обезбедувањето на бесплатен превоз за учениците коишто посетуваат училишта кои се оддалечени повеќе од 2,5 километри од нивните домови.

Би сакале да информираме дека Владата и Министерството за образование и наука имаат стратегија за континуирано унапредување на образовниот систем на сите нивоа. Потсетуваме на фактот дека во изминатиот период се изградени 74 нови училишни објекти, додека повеќе од 400 се реконструирани и санирани. Изградени се и 55 училишни спортски сали, а 8 се во фаза на градба.

Во времето на СДСМ, инвестциите во образованието беа сведени под оптималните потреби. Затоа ги повикуваме  да престанат да ги злоупотребуваат учениците и нивните родители за дневно политички цели. Образованието треба да остане надвор од политиката, а децата безгрижно да ја следат наставата. Секоја нова идеја е добредојдена. Доколку господата од СДСМ, имаат план и проекти како да се подобри состојбата во образованието ги повикуваме да ги презентираат пред граѓаните, а дотогаш нека ги остават вработените во Министерството за образование чесно и професионално да си ги вршат обврските кои ги имаат пред јавноста.