МОН: СДСМ манипулира, продолжуваме со унапредување на образовен систем

Министерството за образование и наука реагира на континуираното објавување соопштенија од страна на  Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во кои се изнесуваат лаги и манипулации поврзани со состојбите во образованието.

Ја пренесуваме во целост реакцијата на МОН

Во врска со информацијата дека стартот на учебната година ги чини семејствата неколку илјади денари по ученик, би сакале да информираме дека Владата и Министерството за образование и наука веќе 8-ма година по ред имплементираат концепт на бесплатно образование, кој што опфаќа обезбедување бесплатни учебници за сите основци и средношколци, како и бесплатен превоз за оние кои живеат на повеќе од 2,5 километри оддалеченост од училиштето.

Овие мерки пред 2006 година не само што не постоеа, туку граѓаните беа изложени на преголеми трошоци, како партиципација при запишување на училиште, автобуски превоз и комплет учебници кои чинеа повеќе од 100 евра. СДСМ тоа го заборава. Заборава и дека тоа е период во кој не беше изградено ниту едно училиште, училишна спортска сала, високо образовна установа…

За разлика од минатото, би сакале да информираме дека денес Владата и Министерството за образование и наука имаат конкретна сеопфатна стратегија за континуирано унапредување на образовниот систем на сите нивоа. Потсетуваме на фактот дека во изминатиот период се изградени 74 нови училишни објекти, додека повеќе од 400 се реконструирани и санирани. Изградени се и 55 училишни спортски сали, а 8 се во фаза на градба. Учениците од прво до деветто одделение учат од учебници изработени и одобрени од најголемиот светски снабдувач со квалитетни наставни програми и учебници – Меѓународниот центар при универзитетот Кембриџ.

Високото образование кое што во минатото беше достапно само за одредена категорија граѓани, со отворањето на новите универзитети и со унифицирање и намалување на партиципацијата на 200 евра во државна квота и најмногу 400 евра за кофинансирање е широко достапно за сите, а воведени се и 40 видови на најразлични стипендии.

Нивните соопштенија нема да го демотивираат професионалниот и стручен кадар во Министерството за образование и наука. И во периодот што следи продолжуваме да ги имплементираме сите мерки и активности кои се дел од програмата за работа и кои го унапредуваат  целокупниот образовен систем.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.