MОН воспостави соработка со британскиот Универзитет Вoрвик

Амбасадорот на Република Македонија во Обединетото Кралство, Јован Донев во името на Министерството за образование и наука, потпиша меморандум за соработка со Лорд Кумар Батачараја, ректор на Универзитетот Ворвик.

Меморандумот обезбедува иницијална рамка за натамошно спроведување на истражувања, образовни и други важни проекти и активности помеѓу ВМГ академскиот оддел при Универзитетот Ворвик и организациите во Република Македонија.

Соработката ќе се реализира преку работа на заеднички образовни и истражувачки програми, но и преку подготовка на специјални студиски програми за нашата земја, за лица кои работат во индустријата, односно инженерингот, технолошкиот менаџмент, синџири за набавка и логистика. Овие програми ќе се изготвуваат врз основа на искуството на ВМГ одделот во дизајнирање и испорака на колаборативни образовни програми, а со цел, да се пресретнат потребите на компаниите за стручен кадар со конкретни квалификации, како и потребите на факултетите при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, за експертска, административна и техничка поддршка.

Универзитетот Ворвик е меѓу 10те највисоко рангирани универзитети во Обединетото кралство.