Монако уште еднаш ја совлада Борусија Дортмунд

Фудбалерите на Монако во реваншот од четвртфиналниот двомеч со Борусија славеа со 3:1, потврдувајќи ја победата од Дортмунд 3:2.

Стрелци за францускиот претставник во Лигата на шампионите беа Килиан М’бапе во 3, Радамел Фалкао во 17 и Валери Жермен во 81, додека германските фудбалери успеаја само да намалат во 48 минута преку Марко Ројс.

Мечот беше отворен, со вкупно петнаесет шутови во рамките на двата гола. Решавачки беа првите дваесетина минути кога Монако ги искористи двете грешки на одбраната на Борусија, а играчите од Дортмунд не ги искористија своите шанси.

Монако ќе го игра своето второ полуфинале во Лигата на шампоните, откако во 2004 година загуби во финалето од Порто, додека Борусија остана доследна на традицијата никогаш да не ја мине следната фаза откако го загубила првиот меч на домашен терен.

Откако првиот дуел меѓу овие две екипи во Дортмунд беше одигран ден подоцна поради експлозиите насочени кон автобусот на Борусија во моментот кога фудбалерите тргнуваа кон стадионот, и овој меч започна со задоцнување повеќе од пет минути. Причината за тоа беше акцијата на француската полиција којашто го запрела автобусот со германските играчи и го пропуштила по 20 минути, без никакво објаснување.

Монако поведе веќе во 3 минута по големата грешка на гостинскиот голман Бурке, кој шутот на Меди го одби само до ногата на М’бапе, кој погоди од близина. Борусија можеше да изедначи во 9 минута, но голманот Шубашиќ го одбрани ударот на Ројс од близина, со што се исправи за големата грешка три минути претходно кога се обиде да се надмудрува со Обамејанг и за малку не беше совладан. Во 14 минута Сахин ја погоди десната статива, а на спротивната страна Монако ја реализираше и својата втора шанса. Нафрлувањето на Лемар од левата страна, со глава го дочека Фалкао и погоди за убедливи 2:0.

Борусија веќе во 26 минута ја изврши првата измена, кога на местото од бекот Дурм влезе напаѓачот Дембеле, по што влезе во целосна офанзива настојувајќи да направи чудо, но во првото полувреме немаше повеќе шанси пред двата гола.

Борусија во 48 минута сепак успеа да постигне погодок, по одличната соло акција на Дембеле кој врати до Ројс кој ја закова топката во мрежата на немоќниот домашен голман. Фалкао со лоб во 67 минута се обиде да го погоди празниот гол, а во 69 минута М’бапе беше сам пред противничкиот голман, но пласираше крај голот. Ројс во 74 година со лош шут ја упропасти новата шанса, а во 81 минута Ломар ги вработи Жермен кој само десетина секунди претходно го замени одличниот М’бапе.