Мониторинг комисијата на ПССЕ зад затворенa вратa расправаше за Македонија

Комисијата за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа, и таканаречената „Монитoринг комисија“, денешниот состанок целосно го посвети на ситуацијата во Република Македонија, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Пред комисијата имаа можност да се обратат двата члена од македонската собраниска делегација при ПССЕ, пратениците Александар Николоски од ВМРО – ДПМНЕ и Рената Тренеска Дескоска од СДСМ, додека Ермира Мехмети од ДУИ, која поради други обврски веќе не е во Стразбур, ја пропушти можноста да ги претстави своите видувања.

На состанокот ги претставија нивните и видувањата на нивните партии за актуелната ситуација во Република Македонија, во перспектива на предвидените предвремени избори на 24 април годинава. Потоа тие одговараа на прашањата на членовите на Мониторинг комисијата.

Деталите за она што било кажано на состанокот не беа изнесени за јавноста, со оглед дека овие состаноци се зад затворени врати, со цел да им се овозможи на пратениците да зборуваат слободно и без стравувања дека нивните изјави потоа можат да бидат преземени и толкувани. Пратениците Николоски и Тренеска Дескоска се воздржаа да дадат изјава, почитувајќи го правилникот на Комисијата.

Единствено потврдија дека делегација на Монитиринг комисијата на ПССЕ ќе ја посети Македонија во средината на февруари за да се увери на лице место со ситуацијата во земјата и реалната подготовка на изборите.

Во понеделникот Бирото на ПССЕ, одлучи да испрати своја делегација од 20 членови со која ќе го набљудува изборниот процес. Делегацијата е предводена од  австрискиот паралментарец Стефан Шенах, член на групата на социјалистите при ПССЕ, досегашен претседател на Мониторинг комитетот.

По таа на ОДИХР, ова е најзначајна набљудувачка мисија која ќе го следи изборниот процес во Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.