Монтгомери: Груевски е главната причина поради која инвестираме во Македонија

Германската компанија „Franz Kiel GmbH“ која беше отворена минатата недела ќе отвори најмалку 250 работни места, компанијата ќе произведува седишта за автобуската и железничката индустрија, пред се како главен добавувач на Ван Хул.

Извршниот директор на компанијата Герхард Хелвек истакна дека во Македонија се одлучуваат да инвестираат поради стабилноста во индустријата и едукацијата на кадарот кој според него се основа за успех на компанијата.

viktor-mizo-640x360

Директорот на ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека седиштата за автобусите за Ван Хул комплетно ќе се изработуваат во Македонија, а компанијата се надева дека ќе работи и за други произведувачи во Европа.

-Првите контакти со компанијата, со помош на Ван Хул, беа во 2015-та година. Одлучено беше тие да биде главен добавувач на Ван Хул за американскиот пазар и тие истовремено одлучија да инвестираат во Македонија. Тие параметри и брзината заради која тие сакаат да започнат, според потребите и барањата на американскиот пазар, временски не дозволија да се изгради објект во зоната во Скопје веднаш до Ван Хул и затоа се започнува со браунфилд локација, вели Мизо.

Компанијата има свои фабрики во Германија, Полска, Турција, Шпанија, Италија и спроведуваат интернационална стратегија со која ги следат нивните клиенти.

Вчера беше промовирана уште една гринфилд инвестиција-Американската компанија „NYSK Holding”, влезе на македонскиот пазар, а таа  ќе се занимава со одгледување и производство на канабис за медицински цели, а планот е да вработат 200 лица.

nysk-holding-investicija-640x360

Компанијата започна со работа во простори на фабриката Охис од 2.000 метри квадратни како браунфилд инвестиција.

Во Македонија и регионото за прв пат се отвора една ваква компанија која ќе одгледува, суши и продава канабис за медицински цели. Првиот производ ќе биде пуштен на пазарот во август годинава.

-Овој фабрички комплекс кој во 90-те беше уништен, гордост ми е да објавам дека ќе биде фабрика за одгледување и производство на канабис. Само неколку земји во светот имаат дозвола за одгледување канабис, истакна на денешната прес-конференција министерот Џери Наумоф.

Џон Монтгомери, инвеститор за медицински канабис и експерт во областа истакна дека ќе го испорачаат најквалитетниот медицински канабис на пазарот.

– Ние ќе го зголемиме бројот на работни места и ќе вработуваме македонски работници. Нашите одгледувачи експерти ќе ги обучат нашите вработени тука. По речиси една деценија во оваа индустрија, ние сме многу сигурни во нашата способност да го донесеме најквалитетниот лек во оваа убава земја. Господинот Никола Груевски  е главната причина поради која нашата компанија реши да инвестира во Македонија. Пред неколку години патував од Бостон до Масачусец за да присуствувам на презентацијата за инвестирање во Македонија, администрацијата ги претстави своите планови за Македонија како и за веќе спроведените политики, јас и мојот тим веднаш бевме импресионирани. По презентацијата на господинот Груевски решивме да одиме во Македонија, сакавме самите да ги видиме промените кои беа дискутирани за време на презентацијата, нашиот тим беше импресиониран од Скопје и тоа толку многу што сакавме да инвестираме и да започнеме со нашиот бизнис во Македонија, рече Монтгомери.

Покрај оваа компанија во Македонија има и интерес и за други компании, а една од нив е во понапредна фаза на преговори.

-Борбата да се привлечат инвестиции понекогаш е долгорочна работа, еве денеска присуствував на почеток на работа на компанија од Америка со која првиот контакт го имавме пред четири години во Бостон на тогашното роуд-шоу. Многу често не прашуваа зошто одите на овие роуд-шоуа, колкави се трошоците, дали се исплати, кои се ефектите, ама најчесто ефектите ги бараа во наредните десет дена. Ефектите во бркањето на инвестиции не доаѓаат за десетина дена, доаѓаат подоцна ако таа промоција добро се изработи. Па еве така оваа компанија која што ја сретнавме во Бостон дел од нивните претставници кои ги сретнавме пред четири години сега се одлучи да инвестира во Македонија, откако после нашето доаѓање тие и самите кажаа деја дојдоа и разгледале, ги анализирале работите и одлучиле да инвестираат токму тука во Македонија, да вработат 200 луѓе и да инвестираат неколку милиони евра и да извезуваат годишно по 10 милиони долари,  истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Груевски потенцираше дека ова е една сериозна инвестиција и околу 200 семејства ќе најдат свое вработување во оваа фабрика, а со тоа и ќе се рестартира еден од погоните на Охис.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.