Морси осуден на уште една затворска казна

Отстранетиот исламистички египетски претседател Мохамед Морси е осуден во саботата на уште една затворска казна, овојпат на три години под обвинение дека го навредувал судот.

Кривичниот суд во Каиро, којшто ја донел оваа пресуда, го осуди Мохамед Морси дека го навредувал судот во јавен настап кој го одржал пред повеќе од четири години, и нагласува дека тоа го сторил „со цел да шири омраза“, објави државната египетска телевизија.

Морси во 2013 година, додека уште беше на претседателската должност, во телевизиско обраќање до нацијата обвини судија поради изборни измами. Судот во саботата на Морси му нареди на тој судија да му исплати милион египетски фунти, односно 56.270 американски долари.

Морси беше првиот избран на избори египетски челник по револуцијата во ткн „арапска пролет“ од 2011 година со којашто во африканските држави беа соборени децениските авторитарни владетели по што завладеаја исламистите. Него од должноста во средината на 2013 година го отстрани моќниот Врховен совет на египетските вооружени сили предводен од тогашниот генерал а сега претседател Абдел Фатах ал-Сиси, откако Морси не успеа да одговори на зададениот ултиматум да постигне договор со секуларната и либерална опозиција по неколкумесечните улични масовни протести со повеќе од илјада мртви.

Морси беше веднаш уапсен а неговото панисламско движење Муслиманско братство беше ставено вон законот, поради неколкуте смртоносни напади во Каиро. Морси, меѓу другото, е осуден на 20-годишната казна за поттикнување убиства на демонстрантите во текот на демонстрациите во 2012 и 2013 година, како и на 25-годишна затворска казна поради шпионирање во полза на Катар.