Москва бара Лондон да ги докаже обвинувањата или да се извини

Лондон мора да даде докази за своите обвинувања или да ѝ се извини на Москва којашто ја обвинува дека е одговорна за труењето на пораншениот двоен руско-британски шпион во Англија на 4-ти март, објави во понеделникот Кремљ.

„Порано или подоцна, треба да одговорат на овие невтемелени обвинувања: или да се дадат докази или да се извинат“, изјави за новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков британските обвинувања на сметка на Москва ги оцени како „бран клеветништво против Русија, апсолутно неразбирлив и со несигурни мотиви“.

Лондон ја обивини Русија дека е одговорна за труењето на Сергеј Скрипал и неговата ќерка, воведувајќи санкции за Москва, меѓу кои и протерувањето на 23 дипломати. Москва, која тврди дека не е поврзана со инцидентот и бара од Британија да ги почитува меѓународните прописи и да ѝ овозможи пристап до примероци од агенсот и до истрагата, возврати со протерување на исто толкав број дипломати, почитувајќи го паритетот во дипломатските односи со затворање на британскиот генерален конзулат во Санкт Петербург и со забрана на активностите на Британскиот совет.

Во меѓувреме меѓународни експерти, меѓу кои нема руски претставници, допатуваа во Велика Британија да ја испитаат супстанцијата употребена во наводниот случај на труење. На стручњаците од Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) треба да им бидат предадени примероци од супстанцијата а тие ќе бидат „анализирани во најугледните меѓународни лаборатории“, изјави во неделата британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон додавајќи дека резултатите од анализата треба да бидат познати по две седмици.