Москва: Барањата Србија да воведе санкции кон Русија се „прости и груби“

Претседателот на долниот Дом на Рускиот парламент Сергеј Наришкин изјави денеска дека повиците на Европската Унија Србија да се придружи кон санкциите против Русија се „груби и прости“, јавува Танјуг, пренесе Нетпрес.

– Пред само неколку дена слушнавме груба и , би рекол, проста изјава на еден висок претставник на ЕУ упатена кон независната и суверена држава Србија, која гласеше: „Би требало да се придружите кон т.н. антируски санкции, инаку за вас нема место во ЕУ“, изјави Наришкин на Меѓународната конференција во главниот град на Казахстан, Астана.

Според него, таквиот став на ЕУ е спротивен на нормите на меѓународното право и всушност претставува уцена.

-Таквите чекори, без сомнеж, немаат ништо заедничко со принципите на суверена еднаквост ниту со начелата на почитување во поглед на историјата, културата и традицијата на една партнерска држава, заклучил Наришкин.

Минатата недела комесарот Јоханес Хан кој во четвртокот беше во посета на Белград, изјавил дека Србија би трабало да ја усогласи својата надворешна политика со европските ставови и да ги наметне антируските економски санкции.

Во меѓувреме и претседателот на Србија, Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ изјавиле дека Србија нема да наметне санкции кон Русија и покрај нивните цели за придружување на ЕУ.